Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Турција и Шпанија

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Турција и на Кралството Шпанија за Република Македонија.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата со новоименуваниот турски амбасадор Омур Шолендил било изразено задоволство за одличните билатерални односи помеѓу Македонија и Турција кои се на ниво на стратешко партнерство, и подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на соработката во економијата, туризмот, културата, образованието  и во други области од взаемен интерес.

Претседателот Иванов истакнал дека високо се цени фактот што Република Турција е долгогодишен и гласен поддржувач на употребата на уставното имe на нашата држава, и еден од најгласните промотори за интеграција на Македонија во НАТО.

- Република Македонија особено го вреднува фактот што Република Турција е конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за наше полноправно членство во НАТО. Мојот став е јасен и добро познат, членството на Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за целиот регион и за Алијансата. Искрено, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име ви благодариме за севкупната силна и отворена поддршка, истакнал претседателот Иванов, додавајќи дека нашата држава е заинтересиранa за максимална соработка со Република Турција во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде што двете држави имаат што да кажат и што да понудат, и која од ден на ден ја потврдува својата оправданост.

Амбасадорот Шолендил посочил дека ќе ги вложи сите свои напори се со цел да ги развиеме уште повеќе, веќе постојните извонредни билатерални односи и соработка.

- Нашата заедничка историја и култура, ја претставуваат потребната основа со цел нашите билатерални или мултилатерални односи и соработка да бидат постојано на едно привилегирано ниво. Една од основните постулати на овие односи е и присуството на нашите сонародници кои што живеат како лојални граѓани во една мултиетничка Македонија и чија што најголема желба  е јакнењето на Република Македонија на секое поле, нагласил амбасадорот Шолендил.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шпанија, Рамон Абароа Каранс, било изразено задоволство од пријателските македонско–шпански односи кои оваа година прослуваат јубилеј - 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и очекување за интензивирање на политичкиот дијалог, и продлабочување на соработката во сферата на економијата, образованието и науката.

Претседателот Иванов изразил благодарност за досегашната поддршка од Кралството Шпанија на планот на македонските европски и евроатланските интеграции, изразувајќи надеж дека ќе продолжи и во наредниот период.

- Високо ја уважуваме принципиелната и конзистентна политика на Кралството Шпанија за продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан. Европските идеали и вредности се цврсто вкоренети во македонското општество. Ние сме безусловно посветени на процесот на консолидирање на една просперитетна Европа и градењето на заедничка европска иднина, порачал македонскиот претседател.

Амбасадорот Каранс посочил дека ќе се заложи за продлабочување и проширување на билатералните односи помеѓу двете земји, како и за поддршка на евроатланските аспирации на Република Македонија.

- Шпанија секогаш ги подржуваше вашите евро-атлантски аспирации. Шпанија силно се залагаше за Процесот за Стабилизација и Асоциација за целиот Регион, усвоен на Европскиот Совет во Солун, во 2003 година. Исто така, Шпанија безрезервно го поддржува вашето зачленување во НАТО, особено во моменти кога во светот се случуваат големи конфликти и кризи од различен тип и кои претставуваат закана за сите, истакнал амбасадорот Каранс.

Честитајќи им за функцијата, претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посакал успех во вршењето на дипломатската должност. 

13.10.2014 - 14:45


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега