
Општина Битола и Сојузот на борци, со пригодни манифестации го одбележаа 11-ти Октомври, Денот на востанието и оддадоа почит пред споменикот на паднатите борци во Народноослободителната и антифашистичка војна од овој град.
Во својата пригодна реч, градоначалникот Владимир Талески посочи дека сеќавањата и почитта кон големиот ден 11-ти Октомври се обврска на сите генерации за чување на светлите историски страници.
- Овој ден потсетува на времето на една значајна генерација, време пример за сите генерации, за младите кои во тој период обединети околу идејата за самостојна Македонија тргна во ослободителна борба која воедно беше и национална борба за независна Македонија, рече Талески.
Претседателот на ОО на Сојуз на борци-Битола Александар Трајковски потсети дека по отпочнувањето на востанието во Прилеп и Куманово, веднаш дејствувале и младите од Битола кои ја нападнале полициската станица во потпелистерското село Кажани.
- Иницијатор и организатор на востанието на македонскиот народ беше КПМ и сите борци комунисти ги изненадија бугарските фашисти чија полиција малтретираше и тепаше македонци, а еден дел интернира во Бугарија. Мотивот за борба и слобода беше голем. Во тоа време во Битола дејствуваше партизанскиот одред „Даме Груев“ кој ја нападна полициската станица во селото Кажани со што продолжи борбата против германскиот и бугарскиот фашизам, рече меѓудругото Александар Трајковски, претседател на ОО на Сојуз на борци-Битола.
Со низа свечености денеска во Прилеп се одбележува 73 годишнината од почетокот на народното востание во Македонија.
Делегации од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Собранието, од владата предводена од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, од Генералштабот на АРМ, од Сојузот на борците, локалната самоуправа, од здруженијата, претставници на политичките партии и граѓани се поклонија и положија цвеќиња пред спомениците на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на идеологот на народното востание, Кузман Јосифоски Питу, пред Могилата на непобедените каде се моштите на 650 те жртви, во Алејата на 10 те народни херои.
За Благоја Чоноски, претседател на Сојузот на прилепските борци, празникот 11 Октомври е почетокот на победоносното востание на Македонскиот народ.
- Четиригодишната борба беше тешка и крвава. Таа прва пушка, тој фитил што ја запали народноослободителната борба значеше остварување на сонот- оваа слобода и држава што ги имаме и треба да ги штитиме. Целите на борците беа да бидеме слободни, подобро да живееме. Добро живееме, но може уште подобро. Нашето востание беше добро организирано и изведено што ги даде и конечните резултати- слободна држава, изјави Чоноски.
Според градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, задоволство и чест е да се биде прилепчанец на денешниот празник.
- Прилеп даде најмногу жртви и херои во народната револуција и со право е програсен за град-херој. Идеалите на генерацијата борци биле за слободна и независна Македонија. Целта е остварена. Овие и идните генерации треба да бидеме сплотени околу зачувувањето на националниот идентитет, суверенитетот и економскиот просперитет и да ја однесеме македонија таму каде и е местото- во евроатланските интеграции. Прилеп, пак, станува модернизирана урбана средина, град во кој многу се инвестира, културно се воздигнува и допрва ќе се развива, пред се економски, со отворање нови стопански капацитети и работни места, изјави Ристески.