Почнаа градежните активности на булеварот „Гоце Делчев“

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација” Бојан Василевски денеска го означија почетокот на градежните работи на атмосферскиот колектор под стоковната куќа „Мост“, на дел од булеварот „Гоце Делчев“.

Според Град Скопје, оваа локација на булеварот „Гоце Делчев“ е една од десетте точки во градот што редовно се поплавуваа при поројните дождови.

- На оваа локација покрај активностите на постојаната атмосферска мрежа, ќе биде изграден дополнитен колектор со профил Ф 500 милиметри, во должина од 62,1 метар, од јужниот коловоз до приклучокот во постоечкиот атмосферски колектор Ф 1000 милиметри. Воедно, по јужниот коловоз ќе биде изведен армирано-бетонски монолитен канал во должина од 30 метри, а попречно, по двата коловоза ќе биде изведен армирано бетонски монолитен канал во должина од 27 метри со зафат преку попречни и подолжни решетки со канали од двете страни на булеварот, рече Трајановски.

Според него, со овие зафати и зголемувањето на капацитетот на атмосферскиот колектор, значително ќе се подобри одведувањето на атмосферските води и ќе спречи поплавување на коловозот во услови на интензивни врнежи.

Директорот Василевски ги објасни техничките детали за изведба на дополнителната атмосферска мрежа под стоковната куќа „Мост“.

-  Изведба на дополнителната атмосферска мрежа под стоковната куќа „Мост“ ќе работат градежниците на компанијата „Жикол“, а градежните работи се очекува да завршат за 50 работни дена. Овој проект е изработен и финансиран од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и за овој зафат ќе бидат издвоени околу 2,5 милиони денари, рече Василевски.

Градежните зафати се дел од активностите кои Градот Скопје ги презема за надминување на проблемите со поплавите кои се создаваа на десетте критични точки по поројните дождови. Досега е интервенирано на дел од улицата „Финска”, а во завршна фаза се и активностите на булеварот “Киро Глигоров”. На останатите места ќе се интервенира по завршување на сите законски постапки и спроведување на јавни набавки и се очекува најголемиот број на градежните работи за завршат за неколку месеци. За сите овие интервенции Градот Скопје ќе одвои околу 2 милиони евра.

MIA

Градот Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи на дел од булеварот „Гоце Делчев“ и доколку се во можност во своето движење да ја користат околната патна мрежа. 

11.10.2014 - 13:12


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа