Македонија и Русија заедно против трговијата со дрога
На маргините од 30-та конференција на глобалната асоцијација ИДЕК за борба против трговијата со дрога, која се одржува во Москва, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на руската Федерална служба за контрола на наркотици Виктор Иванов го парафираа заедничкиот План на двете институции во поглед на борбата против недозволената трговија со дрога за наредниот тригодишен период (2013/2015 година).
-Овој План за заеднички активности, кој се потпиша врз основа на постоечкиот Договор за соработка во областа на недозволената трговија со дрога меѓу македонското МВР и руската федерална служба за контрола на наркотици од август 2011 година, предвидува во наредниот тригодишен период низа мерки и активности на надлежните служби на двете институции со цел не само да се интензивира меѓусебната соработка туку истата да се ефектуира по однос на борбата против трговијата со дрога. Така, со Планот меѓу другото, се предвидува развивање на механизми за размена на оперативни информации околу повеќе аспкети од недозволената трговија со дрога, како и механизми за конкретно учество во заеднички полициски операции за сузбивање на трговијата со дрога, прекурсори и други психотропни супстанции, информираат од МВР.
Исто така со Планот за заеднички активности се предвидува и размена на едукативни и технички информации во насока на организациона и професионална надградба на надлежните служби, вклучително и организираље заеднички семинари и обуки.
Инаку на годинешната конференција на ИДЕК кој е проект на американската агенција за борба против дрогата ДЕА формиран во 1983 година, а во кој денес партиципираат над стотина земји во светот, што се одржува во Москва беа разгледувани повеќе теми околу новите трендови во областа на недозволената трговија со дрога, како и анализи на состојбите со овој глобален проблем.