Фатмир Бесими: Напредокот е видлив и реален

Недобивањето датум на преговри и статус-кво состојбата на релација Европска Комисија – Совет на Европската Унија генерира општ впечаток дека секоја година извештајот е ист, но во суштина Македонија бележи сериозен напредок на евроинтегративниот процес. Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими во интервју за Прес 24 оценува дека секој извештај на Европската Комисија ги нотифицира реформите што Македонија ги прави во континуитет.

- Можеби општиот впечаток е дека Извештајот секоја година е ист, но ако се направи подетална анализа може да се види дека е забележан напредок во многу области како што е регионалната соработка, борбата против организираниот криминал од страна на МВР, подобрување на процесот на консултација и координација со невладините организации од страна на Секретаријатот за европски прашања, делот на реформите во јавната администрација, напредокот во економската област, зајакнувањето на пазарната економија, намалувањето на невработеноста, трендот на раст на БДП, вели Бесими во интервјуто за Прес24.

Вицепремиерот најавува интензивни анализи на извештајот и сериозен фокус на реформите, особено на деловите за кои Европската комисија искажува загриженост.

-фокусот ќе биде на приоритетните области како реформата на јавната администрација, слободата на изразување, реформата на судството, борбата против корупција, изборната реформа, унапредувањето на меѓуетничките односи и економските критериуми, вели Бесими.

Она што, според него е суштинско е заклучокот на Комисијата дека почеток на скирнинг процесот ќе овозможи голем импулс во целиот евроинтегративен процес, особено во спорот со Грција.

-Секако дека отпочнувањето на скрининг процесот ќе придонесе пред се забрзување на реформските процеси, бидејќи истиот има за цел да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати и да се дадат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите. Ќе беше важно и за нашата администрација, која целосно посветено работи во целиот изминат прериод и заслужува процесот да се придвижи нанапред, оценува во интервјуто за Прес24, Фатмир Бесими.

Вицепремиерот потенцира дека и покрај тоа што кај јавноста се чувствува наламен интерес за евроинтеграциите, Владата останува максимено посветена на ова прашање.

И сметам дека  е важно секое укажување и тема што се покренува како предизвик пред нас да го сфатиме сериозно и да работиме сериозно, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните, вели вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Комисија го објави најновиот извештај за напредокот на Македонија. Во него по шестти пат комисијата препорачува почеток на пристапните преговори. Каква е Вашата оценка за овој извештај?

БЕСИМИ: Она што е најважно е дека и во овој Извештај ја задржавме препораката за почеток на преговорите, што е значајно за понатамошната реализација на реформскиот процес. Ова е исто така уште една потврда дека проширувањето останува на агендата на ЕУ. Во Извештајот е наведен остварениот напредок и содржани се укажувања за областите во кои се потребни дополнителни напори. Врз основа на тие укажувања ќе ги идентификуваме приоритетите на кои ќе се фокусираме во претстојниот период. Исто така за да се обезбеди сеопфатност и инклузивност на процесот ќе започнеме со циклус на дискусии со надлежните институции, академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата.

 ПРЕС24: Еден од заклучоците на комисијата е најитно враќање на политичкиот дијалог и тоа во рамки на институциите на системот, односно Парламентот. Опозицијата засега одбива да се врати во Собранието, префрлајќи ја вината кај власта иако Европската комисија посочува дека одговрноста е заедничка. Што во таква ситуација?

БЕСИМИ: Политичкиот дијалог останува сериозен предизвик и сметам дека треба сериозно да го земеме предвид укажувањето на ЕК дека имаме заедничка одговорност да ги надминеме отворените прашања и да се фокусираме на остварување на стратешките приоритети на земјата. Добробидта на граѓаните треба да ја ставиме на прво место.

ПРЕС24:  Европската комисија во извештајот нотира и одредени слабости во неколку области, како медиумите, судството, администрацијата и бара засилен ангажман на Владата во нивно решавање. Што ќе биде владин приоритет следниот период на полето на евроинтеграциите?

БЕСИМИ: Со крајна сериозност ги прифативме укажувањата  дадени во Извештајот. Уште на следната владина седница ќе го разгледме Извештајот и ќе се дефинираат мерките и активностите за адресирање на укажувањата, при што ќе се ревидира и дополни постојниот акциски план. Притоа фокусот ќе биде на приоритетните области како реформата на јавната администрација, слободата на изразување, реформата на судството, борбата против корупција, изборната реформа, унапредувањето на меѓуетничките односи и економските критериуми.

ПРЕС24: Еден период имавте како сектор за евроинтеграции дијалог со медиумите, но тој сега е замрен. Може ли да се очекува обновување на тој дијалог?

БЕСИМИ: Министерството за информатичко општество и администрација одржува редовни средби со претставниците на медиумите на кои се разговара за отворените прашања. Дијалогот ќе треба да се засили во наредниот период, согласно укажувањата во Извештајот. Ние како Секретаријат за европски прашања после самото пристигнување на Извештајот изразивме иницијатива за заедничка дискусија за наодите дадени во Извештајот. Се надеваме дека во најскоро време дискусијата ќе се одржи, за што ќе бидете информирани.

ПРЕС24: Иако препораката е составен дел од извештајот, сепак реалноста навестува дека и во декември, Советот на Унијата нема да ја валоризира оваа препорака, поради нерешениот спор со Грција. Она што е ново во овој извештај е потенцирањето на моментот дека скрининг процесот, кој доколку беше одобрен, ќе овозможеше импулс за решавање на прашањето за името. Каква е вашата оценка?

БЕСИМИ: Секако дека отпочнувањето на скрининг процесот ќе придонесе пред се забрзување на реформските процеси, бидејќи истиот има за цел да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати и да се дадат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите. Ќе беше важно и за нашата администрација, која целосно посветено работи во целиот изминат прериод и заслужува процесот да се придвижи нанапред.

ПРЕС24:  Ако изминативе години извештаите на Европската комисија предизвикуваа големо внимание, годинава како да спласнува и еуфоријата, но и заинтересираноста кај јавноста за заклучоците. Дали тоа е резултат на секоја година веќе идентичните состојби. Препорака во октомври, па ништо во декември?

БЕСИМИ: Можеби општиот впечаток е дека Извештајот секоја година е ист, но ако се направи подетална анализа може да се види дека е забележан напредок во многу области како што е регионалната соработка, борбата против организираниот криминал од страна на МВР, подобрување на процесот на консултација и координација со невладините организации од страна на Секретаријатот за европски прашања, делот на реформите во јавната администрација, напредокот во економската област, зајакнувањето на пазарната економија, намалувањето на невработеноста, трендот на раст на БДП. Исто така треба да се има предвид дека во делот на политичките и економските критериуми се опфатени области кои бараат комплексни реформи за чија имплементација треба повеќе време.

ПРЕС24:  Господине Бесими, колку ваквата стус-кво состојба на македонските евроинтеграции може да го зајакне евроскептицизмот кај јавноста?

БЕСИМИ: Јасно е дека должината на процесот не оди во прилог на јавното мислење и поддршката од граѓаните. Иако постои тренд на намалување на поддршката, која доколку во 2009 година изнесуваше над 80%, во последните анкети се покажува дека над 70% од граѓаните на Република Македонија го поддржуваат членството во Унијата, што сепак говори дека граѓаните уште веруваат во неа. За нас тоа претставува силен аргумент за да продолжиме со посветеноста во реформскиот процес.  Би сакал да нагласам дека Евроинтргецијата останува приоритет на Владата и сметам дека  е важно секое укажување и тема што се покренува како предизвик пред нас да го сфатиме сериозно и да работиме сериозно, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните.

ПРЕС24:  Колку пак оваа иста состојба може да биде опасна за губење на темпото во Владата за реформи. Се чувствува ли замор, или пак некаков скептицизам дека Македонија, на подолг рок, нема да може да постигне некој посериозен исчекор, без разлика какви и да спроведе реформи, доколку Грција остане на ставот за бојкот?

БЕСИМИ: Како што веќе кажав, членството во ЕУ и натаму останува стратешки приоритет на Владата која ќе продолжи со истата посветеност да работи на реформите, особено затоа што истите не се важни само за интеграцијата на земјата туку и за доброто на граѓаните на Република Македонија

11.10.2014 - 12:05


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа