Иванов: Свои на своето, сами носиме одлуки за нашата сегашност и иднина

Во предвечерието на утрешниот 11 Октомври кога одбележуваме 73 години од почетокот на Народното востание, претседателот Ѓорге Иванов од свечената академија во Скопје уште еднаш порача да ја чуваме, градиме и почитуваме Македонија.  Предизвици, рече тој, сме имале и ќе имаме, но имаме своја држава, во која сме свои на своето и носиме одлуки за нашата сегашност и иднина.

- Утре, на 11 Октомври, Република Македонија прославува 73 години од почетокот на народното востание. Востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Денес, со почит се сеќаваме на сите борци и херои кои учествуваа во големата борба. Борци кои себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците за слободна и независна Македонија, истакна претседателот Иванов.

Македонија годинава одбележува и 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ. 

Учесниците на Првото заседание на АСНОМ се основоположниците на македонската државност. Иванов денеска го одликуваше последниот жив учесник на АСНОМ и еден од татковците на Македонија, првоборецот Петар Иваноски – Тиквар,  последен од 60-мината кои пред 70 години го создадоа она што денес го имаме.

- АСНОМ беше остварлив, пред се, поради единството во државотворниот дух на основоположниците на Македонија и исполнувањето на заветот на Илинденците. Завет искажан од Димо Хаџи Димов, дека Македонија, која го имала својот прв Илинден, ќе го има и својот втор Илинден. Поради тоа единство, денес имаме своја држава, во која сме свои на своето, во која сами носиме одлуки за нашата сегашност и нашата иднина, денес нашите деца слободно и без страв зборуваат, пишуваат и творат на Македонски јазик и ги уживаме основните гарантирани граѓански права и слободи, истакна претседателот Иванов.

Но, иако ветени, рече тој, тие права не беа целосно дадени. - Многумина од оние кои останаа верни на слободарскиот дух на народноослободителната борба и државотворниот дух на АСНОМ подоцна беа потиснати, обесправени, заборавени. Меѓу нив беа Андонов-Ченто, Брашнаров и Шатев, Полежиновски и Чучков, Шаторов-Шарло и Пирузе-Мајски, Фотев, Аголи, Соколов и многу други знајни и незнајни родољуби. Целосната слобода беше потисната се до 8 Септември 1991 година, меѓу народот прифатен и како наш трет Илинден, рече шефот на државата. 

Годините на независност се години на себеспознавање и саморефлексија кога мора да се соочиме со самите себе, истакна Иванов, со сите успеси, но и со сите предизвици и слабости.

-Имаме сопствена држава со сопствена Армија која ја гарантира нашата безбедност и безбедноста на нашите деца. Имаме брзо растечка економија и поволна бизнис клима за странски инвестиции. Препознатливи сме во светот по нашиот македонски модел на соживот и почитување на различноста. Водиме мирољубива политика и сакаме најдобри можни односи со сите наши соседи. Имаме бројни пријатели и партнери кои не поддржуваат на нашиот европски и евроатлантски пат. Имаме јасна цел за тоа каде природно припаѓаме и каде ја гледаме нашата иднина. Но, мора да бидеме свесни дека сите премрежија од минатото не останаа само во минатото. Наследивме и предизвици со кои сеуште се соочуваме, но и визии и стремежи кои сеуште не се остварени, рече претседателот.

Во текот на независноста, се соочивме со многу тешки моменти и одлуки, со двојни стандарди и неправедни блокади, но, и покрај се, посочи Иванов, не се обесхрабривме.

- Секојдневно ги чувствуваме последиците од оние кои го негираат македонскиот јазик и идентитет. Но, ние знаеме кои сме, што сме и што сакаме. Проблем немаме ние, туку оние кои не ја прифаќаат и признаваат реалноста. Се уште сме блокирани на нашиот европски и евроатлантски пат. Но, и покрај се, не се откажуваме. Остануваме доследни на преземените обврски и задачи, кои со континуирани реформи ќе продолжиме да ги остваруваме, за доброто на македонските граѓани. Но, тоа не е обврска само на државата, туку и на сите сегменти на македонското општество. Само сплотени ќе ги оствариме нашите стратегиски цели за европска и евроатлантска Република Македонија, рече Иванов.

Овие празници не потсетуваат, додаде, дека кога станува збор за националните интереси и стратегиските цели, треба да бидеме сложни и единствени, онака како што беа сложни и единствени борците и учесниците на АСНОМ, кои и покрај сите разлики, ги обединуваше, стремежот за слобода на Македонија.

- И денес, имаме многу различни идеи, погледи и политички партии. Во тоа се состои и богатството на демократијата. Но, имаме само една држава – Република Македонија. Никој нема да ја чува Македонија ако ние не ја чуваме. Никој нема да ја гради Македонија ако ние не ја градиме. Никој нема да ја почитува Македонија ако ние не ја почитуваме. Затоа, да не дозволиме да не занесува секој ветар на лагите, заблудите и лукавството. Мора да бидеме свесни за вистината. Да ги отфрлиме лажните претстави за Македонија создавани за туѓи потреби и туѓи интереси, побара во своето обраќање Иванов.

Иако сме различни, сепак во државата треба да сме единствени, потенцираше претседателот и посочи дека државата се и власта и опозицијата, и младите и старите, и работниците и пензионерите, и студентите и професорите. - Државата сме сите ние, и Македонците и Албанците, и Власите и Турците, Србите, Ромите и Бошњаците, Христијаните, Муслиманите, Евреите и атеистите. Сите ние сме државата, која ја наследивме од нашите предци, и која сме должни безбедно да им ја предадеме на нашите потомци, рече Иванов.  

Долго време, истакна тој, Македонија беше несреќното поле на кое странските пропаганди го сееја семето на раздорот и кавгите и неотуѓуваа од нашите сонародници и браќа земјаци.

- Пропагандите ширеа меѓу нас сомнеж во способноста сами да се ослободиме, да опстанеме и да напредуваме. Долго време страдавме поради таа ропска несигурност и наметнат раздор, како народ бевме орудие за поткусурување на нечии туѓи сметки, влегувавме во туѓи игри за туѓи интереси и апетити и дозволивме да бидеме разединети, и да работиме, како што вели Кочо Рацин, за туѓи бели дворови. Последиците од тоа ги знаеме. Балканските војни ги дочекаме меѓусебно раскарани. Првата светска војна ја дочекавме меѓусебно поделени. Пропуштивме многу можности за слобода и за државност на Македонија.Но, ја научивме лекцијата, и не дозволивме да ни се повтори минатото, рече претседателот Иванов на свечената академија по повод 11 Октомври - Денот на народното востание.

На вечерашната свечена академија присуствуваа премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министри, пратеници, претставници на други институции и дипломатскиот кор.

10.10.2014 - 19:47


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега