Охридскиот рамковен договор на маса пред Ахмети и државниот албански врв

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети,  денеска имаше средби со државниот врв на Албанија на кои станало збор за состојбите во Македонија и во регионот, за односите меѓу двете земји, за евроинтеграцијата и за позицијата на Албанците, како и за спроведувањето на Охридскиот договор.

На средбата со претседателот Бујар Нишани станало збор и за спорот за името со Грција.

- На средбата посебно се зборуваше за потребата од надминување на прашањето за името, кое Македонија ја држи подалеку од ЕУ и од НАТО. Претседателот Нишани нагласи дека Албанија ја поддржува интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ и таа подршка се реализира во сите регионални и меѓународни форуми, стои во соопштението од кабинетот на Нишани.

Според оценката на Нишани целосната имплементација на Охридскиот договор е клучна за стабилноста, соживотот, демократските и интегративните процеси на земјава, а албанскиот фактор во Македонија е мнлогу значаен за понатамошнот сестран развој на земјата.

Ахмети, како што се наведува, нагласил дека има потреба од зголемување на економската соработка на двете држави преку реализација на заеднички проекти, посебно околу Коридорот 8, како и соработката  во сферите на туризмот и енергетиката.

На средбата со шефот на дипломатијата Дитмир Бушати било посочено дека Албанија целосно го подржува територијалниот интегритет на Македонија и во континуитет се залага таа да стaне членка на евроатлaнските структури.

- Целосната имплементација на Охридскиот договор го сметаме за компас на ориентација за изградба на демократска држава и забрзување на современите процеси за Македонија, изјавил Бушати.

Тој се задржал и на последните протести во Скопје и откако оценил дека ваквите акти не се во служба на безбедноста и стабилноста на Македонија, нагласил дека секоја тенденција Албанците да се претставуваат како „исламски терористи“ не само што не ги решава проблемите туку е во служба на понатамошно влошување на состојбата.

Лидерот на ДУИ Ахмети, кој е во дводневна посета на Тирана, денеска имаше средби и со спикерот на албанскиот парламент Илир Мета, како и со лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша.

Според најавите, Ахмети ќе се сретне и со премиерот Еди Рама. 

10.10.2014 - 19:06


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега