Кривични пријави за тројца крадци кои го пустошеле Скопје

 

МВР соопшти дека во првиот случај пријавените О.Б. и З.Љ. на 10 овој месец сториле по едно кривично дело „тешка кражба во обид“ и „тешка кражба“, и успеале да си присвојат. околу 90.000  денари.

- На 10 овој месец во периодот меѓу 14:30 и 16 часот двајцата на улицата „Благоја Стефковски“ од стан сопственост на В.Б. од Скопје украле два мобилни телефони марка „алкател“, еден мобилен телефон марка „сажем“, лап топ марка „ацер“ со чанта, дигитален апарат марка „кодак“ и неутврдена количина накит, златен, сребрен и „Сваровски“, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 90.000 денари, стои во соопштението на МВР.

Со употреба на погоден алат го скршиле цилиндерот од бравата од влезната врата, извршиле пребарување и ги украле предметите по што го напуштиле станот. Според полицијата, истиот ден пријавените О.Б. и З.Љ. се обиделе да влезат и во станот на Д.С. од Скопје на булеварот „Видео Смилевски Бато“, но откако не успеале да ја отворат вратата се откажале од намерата и со патничко моторно возило „лада самара“, сопственост на З.Љ, се упатиле во непознат правец.

По пријавување на настаните и преземените мерки и активности, О.Б. е приведен, а З.Љ. побегнал, кој на 16 овој месец е лоциран и приведен во Полициската станица Кисела Вода. Со наредба од истражен судија извршен е претрес во домот и другите простории на З.Љ. на улицата „Боривое Милошевски“ при што се пронајдени украдените работи, освен накитот, кои се одземени и вратени на оштетената В.Б.

О.Б., го признал извршувањето на кривичните дела, но негирал дека украл и накит. По приведувањето тој е предаден во КПУ Затвор-Скопје бидејки се наоѓал во бегство од 7 јули минатата година. На 26 март против ова лице поднесена е кривична пријава за сторени 15 кривични дела „тешка кражба“ и „тешка кражба во обид“.

Поради постоење основано сомнение дека извршил кривично дело - „кражба“, според МВР, кривично пријавен е И.Ј., кој при извршувањето на делото се стекнал со противправна имотна корист од 30.000 денари. Од страна на истражен судија на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

На 16 овој месец околу 20 часот, И.Ј. на улицата „Велко Влаховиќ“ на автобуска постојка Рекорд, поточно пред продавницата „Багат“ украл паричник од ташна.

- Ја искористил гужвата во автобусот бр. 23 додека оштетената С.К. се качувала во автобусот, и со протнување на раката во ташната која ја носела со себе и одзел женски паричник, лична карта на нејзино име издадена од МВР на РМ, лична карта и возачка дозвола издадена од МВР на Република Франција, трансакциска картичка од Комерцијална банка на нејзино име и 28.500 денари, соопшти МВР.

При извршување на кражбата И.Ј. бил забележан од страна на полициски службеници, но успеал да го напушти местото и со трчање се упатил по улицата „Македонија“ во правец кон плоштадот. Со брза интервенција на полициските службеници веднаш бил фатен и при извршениот преглед над него е пронајден паричникот на оштетената. Приведен е во Полициската станица Центар. 

најчитано сега