100 дена земјоделие - продолжуваат субвенциите и инвестициите

 

Воведување Календар на субвенции за ефикасна исплата според потребите на земјоделците, вложување во инфраструктурата на селата, изградба на локална патна инфраструктура, инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, модернизацијата на производството, се само дел од активностите во аграрот што ги реализира Владата изминатите 100 дена.

Како што рече Тони Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, во тек се и други мерки - покривање 70 отсто од трошоците за редовни агрохемиски анализи, 60 проценти кофинансирање на земјоделското осигурување, поголеми субвенции за автохтоните раси животни, склучување договори од 6,4 милиони денари за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи наменета за преработувачите,...

- Ова се само дел од проектите на кои работиме, а се содржани во новата владина програма.  Продолжуваме со реализација на ветеното, со промоцијата и поддршката на земјоделците. Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со посветеност во реализацијата на програмите за земјоделството и руралниот развој во нашата држава, нагласи Димовски.

Според него, за мерката „економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење земјоделска дејност“ во делот на инвестиции за набавка на земјоделска механизација во висина од 90 отсто од вкупната вредност на набавката, во тек е склучување договори за финансиска поддршка со задруги во вредност од 21 милион денари, а до крајот месецот ќе бидат склучени и договорите за инвестициите во подигање нови овошни и лозови насади за кои се наменети 28 милиони денари.

Со финансиска поддршка за набавка на добиток во тек е склучување договори од 15 милиони денари и за набавка на пчелни матици во вредност од  500 илјади денари. Во однос на новововедената можност за набавка на опрема по пат на кофинансирање на системите „капка по капка“ наменети за одгледување пченка и фуражни култури и бунари, ќе бидат склучени договори вредни пет милиони денари. За поддршка на младите земјоделци кои почнуваат земјоделска дејност претстои склучување договори во вредност од 2,2 милион денари, додаде, додека во рамки на Програмата за рурален развој во тек е и реализацијата на првиот договор за финансиска поддршка за изградба и опремување типизирани продавници за продажба на македонски вина.

Димовски подвлече дека по исплатата на над 1,6 милијарди денари за произведен и продаден тутун од реколта од 2013 година, наскоро ќе почне и исплатата за поледелски култури. Ќе следи исплатата за одржување лозови и овошни насади, а во март за градинарството. Сточарите ќе ги добијат субвенциите пред жетвата на житните култури за набавка на храна по поевтина цена.

- Зголемувањето на стандардите и урбанизацијата на македонското село е еден од клучните приоритети во инвестициските политики поради што за оваа намена годинава се планирани 134 проекти вредни 900 милиони денари. Досега се целосно реализирани 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и шест проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, а реализацијата на останатите проекти е во финална фаза, посочи Димовски.

Осврнувајќи се на ИПАРД, рече дека се овозможува набавка на трактори, приклучна механизација за сеење и садење, опрема и механизација за сточарите, за изградба на нови стакленици и пластеници и изградба на нови фарми за свињи и крави (наместо само нивна реконструкција како досега), подигање и набавка на опрема за брзорастечки видови нови дрвја, а се обезбеди и можност за изградба на целосно нови објекти за рурален туризам со зголемен капацитет, како и изградба на домови за стари лица, детски и младински клубови и модернизација за ветеринарни станици. Проширен е и опсегот на висината на инвестициите со намалување на долниот праг за кофинансирање на 3.000 евра за мерката „Инвестиции во земјоделски стопанства“ и мерката „Диверзификација и развој на други економски активности“. Истовремено, за поголемите инвестиции се зголемија максималните вредности.

Во тек е процесот на акредитација за мерката - Техничка помош во рамки на програмата ИПАРД.

- Вкупната европска помош во земјоделството изнесува 106 милиони евра, а во новата ИПАРД програма се вклучени постојните мерки, но и мерки кои обезбедуваат поволни услови како што е зголемениот процент на кофинансирање. Земјоделците наместо 50 отсто, ќе добиваат 60 проценти грант од европските пари, потенцира Димовски.

10.10.2014 - 15:57


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега