Три нови ЦТГ апарати за Клиниката за гинекологија и акушерство
Клиниката за гинекологија и акушерство денеска доби три современи ЦТГ апарати, наменети за следење на срцевата активност на плодот на мајката. Два од апаратите кои ги доби Клиниката се за близначна бременост. Донатор на апаратите вредни 550 илјади денари е Вип оператор.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Марија Хаџи Лега се заблагодарила за донираните апарати, потенцирајќи дека пренаталната дијагностика не може да се замисли без современата технологија, пренесува Канал 5.
- ЦТГ апаратите се од особена важност за следење на состојбата во тек на породувањето, како и за следење за состојбата на плодот кај нормални бремености кои го надминале терминот за породување, а и порано кај високоризичните бремености, трудници со дијабетис, со хипертензија, застој во растот и слично. На овој начин значително придонесуваат во намалување на перинаталната смртност. Со оваа донација Вип оператор уште еднаш го покажа партнерството со Клиниката, истакнала Хаџи Лега, пренесува телевизијата.
Инаку, Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје е најголема во Македонија. Во Клиниката се извршуваат над 50.000 стручни прегледи и интервенции годишно, од кои 5.000 до 6.000 породувања.