Димовски: Не се остварија сценаријата на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува препораката за започнување на преговори за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија.
интегрален текст од прес конференцијата на Илија Димовски
Оваа препорака значи дека Европската комисија отценува дека Република Македонија ги исполнува демократските и институционалните услови за наше целосно интегрирање во Унијата.
Македонија е држава која е спремна да започне преговори. Македонија ги исполнува стандардите, Комисијата го констатира тоа и го препорачува.
За среќа, не се остварија сценаријата за кои хаотичното раководство на СДСМ се надеваше и работеше.
Не се оствари желбата Македонија да не ја добие препораката за почеток на преговорите.
Очекувно е од ова хаотично раководство на СДСМ да сака со уцени спрема сопствената држава да дојде на власт, а притоа да не мора за тоа да гласаат граѓаните.
Сите кои работеа на можноста Македонија да не добие препорака денес се разочарани и се обидуваат да го намалат значењето на оваа препорака, но не можат да го тргнат срамот од себе, дека работеа спротивно од интересите на сите граѓани и целата Република Македонија.
СДСМ дури сака да го игнорира и фактот дека препорака постои.
Европската унија очигледно добро ги одмерила реалните состојби со капацитетот на нашата држава за почеток на преговори за полноправно членство.
Начинот и методологијата како е изработен и презентиран Извештајот како документ не е различен од претходните години. Така беше и минатата година, годините претходно, така е и сега. Има елементи кои се пофалени и означени како навистина напредни, но има и теми за кои Европската комисија очекува поголем ангажман од страна на домашните институции, но и на сите политички субјекти и општествени чинители.
Жалиме што токму политичкиот дијалог помеѓу партиите и односите помеѓу нив е една од најкритикуваните теми. СДСМ со своите уцени и деструктивно однесување ги лаже сопствените членови и токму тоа е тоа на што СДСМ се осврнува.
Се надеваме дека СДСМ и нивното раководство ќе научат дека со напад спрема својата држава не можат да успеат во својата желба за враќање на власт.
Оваа препорака е јасен показател дека стандардите во Македонија се на нивото потребно за почеток на преговорите, инаку би немале препорака, ако е се црно како што вели СДСМ.
Оваа препорака не е ниту условена, како што опозицијата со своите медиуми, сакаше да конструира и да претстави во обид да превенира да биде толкувана како шамар за хаотичното раководство на СДСМ.
Ние со внимание ќе го проследиме Извештајот на Европската комисија и како секогаш до сега тој документ ќе го користиме како една од најзначајните водилки за утврдување на приоритетите за работа на сите надлежни институции.
За нас е посебно значајно тоа што Европската унија нотира голем напредок во економијата и прогрес во правосудството и јавната администрација, како и борбата против организираниот криминал. Пофалбите за економскиот дел се многу значајни за нас да продолжиме со политиките кои помагаат директно на сите граѓани. Политичките критериуми во континуитет се ефикасно исполнувани се констатира во извештајот.
На крај, изразуваме надеж дека Унијата ќе успее да најде начин, со силна поддршка од наша страна да се стави крај на ќор-сокакот, наметнат од една од членките на Унијата, како што и самите велат.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребен континуитет на високиот дијалог помеѓу Република Македонија и Евроспката унија. Потребен е повисок фокус на Европската комисија кон Македонија, бидејќи членството на нашата држава во Унијата е стратешка определба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа