Средба Иванов-Куртумлуш: Високо ја цениме поддршката од Турција

 

Претседателот на Република МакедонијаЃорге Иванов денеска во Стар Дојран оствари средба со Нуман Куртулмуш, заменик претседател на Владата на Република Турција.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Претседателот, констатираа одлични билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција и искажаа подготвеност за натамошно интензивирање на соработката во сите области од взаемен интерес.

- Република Македонија и Република Турција имаат односи на стратешко партнерство и Република Турција е еден од најзначајните и најгласните промотори на интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Поддршката од Република Турција е секогаш добредојдена и високо ја цениме, рече претседателот Иванов.

На средбата беше истакнат взаемен интерес за поинтензивна економска соработка и беа разгледани можностите за инвестиции во повеќе области.

Претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш разменија мислења и за можностите во областа на туризмот, културата, образованието и други области од взаемен интерес.

Македонскиот претседател искажа благодарност за поддршката од Владата на Република Турција и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА преку реализацијата на бројни проекти во Македонија. Претседателот Иванов изрази посебна благодарност за поддршката за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Македонија, што се спроведе под покровителство на неговата сопруга Маја Иванова, како и за отворањето на Спомен-куќата на семејството на Кемал Ататурк во с. Коџаџик. Беа разгледани можностите за реализација на други проекти во наредниот период.

 По средбата, претседателот Иванов и вицепремиерот Куртулмуш, заедно со претставници на ТИКА, присуствуваа на отворањето на обновениот плоштад во селото Дедели, општина Валандово. 

08.10.2014 - 14:38


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега