Попоски се сретна со делегација од Претставничкиот дом на американскиот Конгрес
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, денеска оствари средба со висока делегација од Претставничкиот дом на Конгресот на САД. Делегацијата, предводена од конгресменот од Охајо, Мајкл Тарнер, престојува во работна посета на нашата држава.
На средбата, како што соопшти МНР, беше истакнато задоволството од одличниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и САД, кои ги карактеризира стратешко партнерство, отворен дијалог и пријателство, како и интересот за нивно севкупно натамошно унапредување во домените од интерес. При тоа, посебен акцент беше ставен на парламентарната соработка меѓу двете пријателски држави, која што се одвива успешно и во континуитет. Во Собранието на Република Македонија функционира Пратеничка група за соработка со САД, додека пак, во американскиот Конгрес постои Конгресната група за соработка со Македонија, која во моментов брои дваесетина конгресмени.
Попоски и американските конгресмени разговаараа и за обезбедување на уште позасилена поддршка на претставниците на американскиот Конгрес во претстојниот период, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за заслуженото членство на Република Македонија во НАТО.
Беа разменети и мислења за актуелните случувања во регионот на Југоисточна Европа, како и за меѓународните напори во борбата против растечките закани од тероризмот и насилниот екстремизам во светски рамки. Во тој контекст, беше поздравен придонесот и на нашата држава, кон севкупните напори за обезбедување мир, безбедност и просперитет, во регионални и глобални рамки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа