Софија Куновска со остри критики до Заев и Шекеринска

 

Претседателот на Градската организација на СДСМ - Скопје и актуелен пратеник во оставка, Софија Куновска со остри критики до првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска за луксузната забава на која присуствуваа во новиот МНТ.

 Таа во својата колумна за пропозицискиот портал „Окно“ го изрази личното незадоволство од односот на сопартиците.

 Куновска вели дека е неприфатливо и несоодветно да се користат партиските соопштенија во име на целата партија, со цел да се оправда присуството на лидерите на опозицијата на приватната забава која ја организираше сопругот на Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски по повод јубилејот на Дајнерс.

-Најпрвин сакам да го изразам личното незадоволство од односот на сопартијците. Не само што се чувствувам повредена заради нивното непотребно легитимирање на објект од „Скопје 2014“, туку сакам да подвлечам со црвено: за мене е неприфатливо и несоодветно Центарот за комуникации на СДСМ да се обраќа во јавноста со сопштение по повод споменатиот настан во име на целата партија, а во функција на расчистување полемики за приватни присуства на приватни забави.

 Таа се надева дека нејзината партија нема да го смени ставот за Скопје 2014, како што тоа го направи за многу прашања и дека се работи само за неспретност на првите луѓе на СДСМ.

- Би сакала да верувам дека мојата партија и понатаму ќе опстојува на досегашниот наш курс по ова прашање. Би сакала да верувам дека начинот на којшто некои мои сопартијци го „верификуваа“ Новиот Стар театар е само нивна неспретност. Би сакала да верувам и дека сопартијците ќе го почитуваат моето мислење, па и ако не се согласуваат со него.

 Оваа реакција на Куновска го потврдува незадоволството кое владеe во редовите на СДСМ од работењето на првите луѓе на партија. 

 Политичките аналитичари во државата велат дека со оваа постапка сите тврдења на СДСМ дека проектот „Скопје 2014“  дека претставува кич и терор за главниот град, пропаднаа во вода.  

08.10.2014 - 10:40


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега