Пратениците повторно ќе расправаат за Предлог-законот за абортус

Денеска во македонското Собрание седници ќе одржат комисиите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за здравство, како и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство се Предлог-законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште и Предлог-законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, двата по скратена постапка и во второ читање.

Пратениците на Комисијата за здравство ќе ги разгледуваат Предлог - законот за прекинување на бременост, Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, двата по скратена постапка и во второ читање и предлозите на законите за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување и на Законот за здравственото осигурување, во второ читање.  

Законодавно-правната комисија ќе ги разгледа законите кои се денеска на дневен ред на другите комисии, како и Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на додадена вредност, персонален данок на доход, данок на добивка и придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во траен влог во Друштвото Фабрика за шински возила „Велес“ ДООЕЛ - Велес, во второ читање и Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, во второ читање. Треба да бидат разгледани и барањата за автентични толкувања на член 23 став 5 од Законот за работните односи, поднесено од пратеникот Христина Рунчева, на член 42-а став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управните спорови, поднесено од градоначалникот на Општина Гази Баба и Исправка на Одлуката за избор на членови на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија број 79/13).

најчитано сега