„Биди ментор, промени нечиј живот“ - прва регионална конференција за вмрежување

 

Денеска во Скопје, под мотото „Биди ментор, промени нечиј живот“, ќе се одржи Првата регионална конференција за вмрежување. Конференцијата е организирана од „Македонската мрежа на ментори“ и Американската амбасада.

Свое обраќање на конференцијата ќе има и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, а ќе ја отвори американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс.

Форумот е наменет за размена на искуства и вештини меѓу претприемачи, експерти, стопанственици и владини претставници, со цел да се поттикне важноста на менторскиот процес, како и вмрежувањето во Република Македонија и во регионот.

На регионалната конференција, освен од Македонија, ќе учествуваат предавачи и гости од земји од Европа и Америка. 

Конференцијата ќе содржи предавања, панел дискусија на тема „Дали природното мајчинство е комплементарна или контрадикторна улога на кариерниот развој?“, билатерални средби, како и програма за поддршка на жени претприемачи.

Менторството претставува воспоставување доброволен партнерски и едукативен однос во кој менторот преку своето професионално знаење и искуство дава поддршка за штитеникот (менторираното лице) кое е во своите професионални почетоци.

Здружението „Македонска мрежа на ментори” (МММ) од Скопје, е формирано со слободно здружување на граѓани за вршење активности во односите ментор-штитеник (менториран), користејќи го искуството и професионалноста на економски, социјални, културни, стручни, технички, образовни, спортски и други полиња, интереси и уверувања. Проектите и активностите на МММ се поддржани и финансирани од Американската амбасада во Скопје. 

најчитано сега