Канческа-Милевска на Светскиот форум за култура и културни индустрии

Зачувување, а не уништување, конструктивен пристап, а не деструкција, заедништво и заемна почит – тоа се основните принципи на културата кои сите ние треба да ги почитуваме, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на Третиот светски форум за култура и културни индустрии што се одржува во Фиренца, Италија.

Таа, како клучен говорник на панел–дискусијата, чиј модератор беше советникот на Генералниот директор на УНЕСКО, Франциско Бандарин, нагласи дека е инспиративно и потикнувачки тоа што за една глобална и актуелна тема како што е културата и нејзиниот одржлив развој, се дебатира во Фиренца како еден од историските столбови на италијанската и европската култура.

- Значењето на културата како фактор на одржливиот развој и развојот воопшто, го антиципираме во вистинско време и на вистински начин бидејќи денес човештвото е соочено со многу развојни, економски, социјални и хуманитарни кризи. Затоа на сите нас ни е потребен еден широк дијалог на културите, религиите и цивилизациите, нешто што со посебно внимание се негува и во нашата држава, Република Македонија, каде што во последната декада реализиравме три Светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог под покровителство на УНЕСКО, рече Канческа-Милевска.

На панел-дискусијата пред присутните, меѓу кои беше и македонскиот амбасадор во Италија, Оливер Шамбевски, министерката за култура потенцираше дека развојот на културата во Република Македонија е правопропорционален со развојот на државата.

- Владата на Република Македонија со големо внимание ја следи културата и процесите поврзани со неа и во изминатиот период, со должна почит кон нашите уметнички вредности и богатото културно наследство, вложи голема енергија и инвестираше во нејзиното унапредување и развој, истакна Канческа-Милевска, која нагласи дека во последните години, континуирано се зголемува учеството на културата во државниот буџет и тоа учество  го следи економскиот и социјалниот развој.

Во контекст на меѓународната соработка, министерката за култура подвлече дека културната политика на Република Македонија  е единствена и отворена и во функција на севкупниот општествен развој. 

- Нашата држава има усвоено и ратификувано повеќе меѓународни акти и документи кои ги применуваме во нашето законодавство и практика.  Учеството на РМ  и нејзиниот придонес  во голем број на меѓународни владини и невладини асоцијации и организации и овозможи на нашата држава дијалог  и соработка со различните  култури како и меѓусебна доверба и долготрајно партнерство и солидарност во презентирањето на заедничките интереси со другите земји, рече Канческа-Милевска.

- Учеството на Третиот светски форум за култура и културни индустрии во Фиренца, на кој присуствуваат високи гости од политичкиот и општествениот живот, меѓу кои се и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, министри за култура од Италија, Грција, Мароко, Србија, Босна и Херцеговина и други земји, градоначалници, видни меѓународни експерти за културна политика и креативни индустрии, претставува одлична можност за размена на искуства и промоција на културата како фактор на одржливиот развој, велат од Министерството за култура.

Конференцијата „Култура, креативност и одржлив развој. Истражување, иновација и можности“ почна на 2 октомври, а завршува утре со усвојување на заедничка декларација. Конференцијата е во организација на УНЕСКО, италијанската Влада, регионот Тоскана и општината Фиренца.

03.10.2014 - 13:58

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега