Иванов: Аргументите се на наша страна во спорот за името

Mакедонскиот претседател Ѓорге Иванов, коментирајќи ги последните изјави од Грција, изјави дека Грците имаат чувство оти многумина веќе не им веруваат, бидејќи аргументите во спорот за името се на македонска страна.

- Грците реагираат нервозно. Изјавата на Венизелос укажува дека Грците веќе имаат некој страв, имаат некое чувство дека многумина веќе не им веруваат. Тие во 1993 година ја убедија меѓународната заедница дека користењето на името Македонија е безбедносна закана за регионот, без никакви аргументи. Сега другите членки видоа дека аргументите се на наша страна, дека Грција со тоа што не блокира е таа што создава безбедносен проблем во регионот, рече  претседателот Иванов во интервју за Телевизија Сител, осврнувајќи се на грчките реакции по неговиот настап на 69. Генерално собрание на Обединетите нации и пред Советот за безбедност.

Во однос на престојниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, шефот на државата смета дека извештајот нема да биде негативен, но ќе има забелешки за политичкиот дијалог, институционалното функционирање и неколку други.

- После мојата посета на Брисел јас ги повикав на средба сите лидери на опозицијата, без присуство на медиуми за лично да им ги пренесам пораките од Европа кои сега веројатно ќе бидат нотирани како негативни за Македонија. Тие од тогаш до денес немаат направено ништо по однос на мојата покана. Ниту некој од нив ме контактирал, нити побарал средба, нити пратил допис до Кабинетот, изјави Иванов.

Европската Унија, како што наведува,  се соочува со сериозни тешкотии внатре. - Ако ја погледнете нивната економија ќе ви стане јасно се. За пет години од сега не знаеме во каква форма ќе биде ЕУ, но она што јас постојано им го повторувам на сите меѓународни фактори и дека со затворањето на проширувањето, не само што кај граѓаните се зголемува разочараноста, туку се намалува и мотивирачката моќ за реформите кои треба да се спроведуваат, вели претседателот Ѓорге Иванов.

03.10.2014 - 11:42

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа