Двојно зголемени капиталните инвестиции во последните девет години

Капиталните инвестиции во земјава во последните години во просек бележат раст од по 20 проценти годишно. Во следната година  проектираните капитални инвестиции во буџетот  се за над 200 проценти поголеми од оние во 2005 година кога изнесувале 10,19 милијарди денари. Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2015 година се проектирани на над  21 милијарди денари.

За наредната година најзначајни од предвидените капитални инвестиции се изградбата на трите автопатски делници од 132 километри. Ќе се реализираат автопатите од Демир Капија - Смоквица, Миладиновци-Штип и Охрид-Кичево.

Универзитетскиот професор Димитар Ефтимов истакнува дека во последните години Буџетот на Република Македонија навистина има развојна компонента која се гледа преку инфраструктурните и капитални расходи, а која истовремено помага во развојот на стопанството преку условите за стопанисување во земјата, но и во крајна линија и врз квалитетот на животот на граѓаните бидејќи предвидува зголемување на платите, на социјалната помош и пензиите.  

Ефтимов потенцира дека се следи една многу битна логика во зоната на економијата дека порастот на реалниот БДП којшто е проектиран да се движи оваа година од 4 проценти мора да биде следен со соодветно темпо на раст на побарувачката во економијата така што во ова ниво побарувачката на домаќинствата со порастот на платите, на социјалната помош, како и со порастот на пензиите ќе ја следат динамиката на раст на реалниот БДП што е многу битна компонента за растот на економијата во следниот период.

Според професор Димитар Ефтимов, капиталните расходи се проектирани на високо ниво и тие во значителна мера ќе придонесат за раст, за подобрување на условите на стопанистување во економијата.

- Преку патната инфраструктура, преку водоводната, гасоводната инфраструктура, во значителна мера ќе се подобрат предиспозициите на економските субјекти во земјата и ќе се зголеми конкуреноста како внатре, така и надвор, вели Ефтимов. 

Тој смета дека  развојната компонента на буџетот покрај преку 340 милиони евра се гледа и во сегментот на привлекување на уште повеќе странски директни инвестиции.

- Добрата инфраструктура при привлекувањето на странските директни инвестиции, а преку тоа и порастот на вработеноста во економијата, бидејќи како што гледаме веќе имаме стапка на невработеност до 28 проценти што е една од најниските во последниот период, значи дека во исто време ова може да придонесе и во подобрување на животниот стандард на населението, истакна Евтимов.

Потенцира дека вака планираните капитални инвестиции се во функција на остварување на проектираната стапка на раст од 4 проценти.

Предвидените 340 милиони евра капитални инвестиции, заедно со странските дирктни инвестиции кои во овој период се очекуваат да бидат меѓу 600 и 700 милиони евра ќе претставуваат значаен двигател на економскиот раст, истакна Ефтимов. 

Тој потенцира дека доколку се исполнат претпоставките кои се назначени во макроекономската политика, а тоа е раст на БДП до 4 проценти, стабилна инфлација на ниво од 2 отсто и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП, економијата во иднина на среден рок има предиспозиции за раст и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

02.10.2014 - 13:46
Фото: 
лидер

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега