МВР спречи два обида за крумчарење мигранти

 

Министерството за внатрешни работи спречи криумчарење на над 40 илегални мигранти во два одвоени случаja.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното Јавно Обвинителство доставил кривична пријава против тројца македонски државјани, Д.А. (31), Ш.М. (36) и Р.М. (37) сите од Штип поради сомнение за сторено кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење миграти“. Судија во претходна постапка на пријавените им е одредил мерка притвор во траење од 30 дена.

 

Како што соопшти МВР, пријавените со три возила се упатиле кон село Удово, со цел прифаќање на поголема група илегални мигранти, кои требало да ги прокриумчарат до Куманово.

 

- По пристигнувањето, на локација во близина на селото ги прифатиле мигрантите, при што ги сместиле во товарно моторно возило, додека останатите две возила, во улога на чистачи се движеле на одредено растојание пред товарното возило. Групата со возилата, од село Удово се упатила по магистралниот пат кон Демир Капија и Неготино. Kај клучката кај Демир Капија од страна на полициски службеници биле запрени товарното моторно возило „Застава“ во кое се наоѓале лицата Д.А. и Ш.М. и патничкото возило „Тојота“, каде се наоѓал Р.М., додека возилото „Опел омега“ се дало во бегство, информира МВР.

 

Полициските службеници во товарното возило пронашле 40 илегални мигранти од кои 23 авганистански, 11 сириски и шестмина палестински државјани.

 

Во вториот случај, информира МВР, полициски службеници на автопатот во правец Гевгелија - Скопје во непосредна близина на Неготино запреле патничко моторно возило марка „Поло“ управувано од З.Р. (35), а како како совозач е затекната Б.Д. (33) и двајцата од Струга.

 

- Во возилото биле пронајдени три лица илегални мигранти од Сирија, кои илегално влегле во Република Македонија од Република Грција, во близина на Граничниот премин „Богородица“ и имале намера илегално преку Македонија, потоа и Србија да стигнат до земјите од ЕУ. Според нивното кажување откако влегле на територијата на Република Македонија се движеле по самиот пат кон Скопје, при што пешачеле неколку часа кога до нив застанало возило во кое биле горепријавените, кои ги прашале дали патуваат кон Скопје. Кога мигрантите им кажале дека сакаат да стигнат до Скопје, пријавените, за сума од по 100 евра од човек ги качиле во возилото со намера да ги пренесат до Скопје, се вели во соопштението од мВР.

Против З.Р. и Б.Д. до надлежното Основно јавно обвинителство е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“.

27.09.2014 - 13:21

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега