Македонскиот ПЕН центар го одбележа Денот на европските јазици

 

 

Канцеларијата на потпретседателот на Меѓународниот ПЕН - „Поетики“ и  „Разноликост“ – Колекција на поезија, фикција и есеј, во соработка со Македонскиот ПЕН Центар, синоќа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го одбележаа  Денот на европските јазици со книжевна вечер со бугарскиот писател, сликар и преведувач Роман Кисјов.

За неговата поезија зборуваа академиците Влада Урошевиќ и  Катица Ќулавкова, која  се обрати со пораката за Меѓународниот ден на европските јазици.

- Ова е ден кога треба да се потсетиме на јазичните права како основни човекови права кои во практиката на современа Европа, па и на Република Македонија водат не само кон повеќејазичност, туку и кон интеркултурни дијалози меѓу народите, луѓето и писателите.  Македонскиот јазик спаѓа во редот на помалите или помалку распространети европски јазици, но е секако еден од постарите јазици со богата јазична меморија и експресија. Во Република Македонија, која овозможува со уставните одредби, како и со закон, оптимални, ако не и максимални јазични права на малцинските јазични и етнички заедници во државата, треба да биде и должност, и право и чест да се зборува македонскиот јазик и да се употребува како јазик на заедничко разбирање меѓу македонските граѓани, стои во пораката.  

Бугарскиот поет Кисјов, кој беше поканет на одбележувањето на европските јазици, има преведено на бугарски јазик дела и обемни избори од најдобрите македонски писатели, меѓу кои Ацо Шопов, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Ефтим Клетников.

26.09.2014 - 15:59

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега