Македонија избрана за член на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија
Македонија е избрана за член на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).
Амбасадорот Кире Илиоски е избран за гувернер на новиот состав на Бордот на гувернери за периодот 2014-2016 со двегодишен мандат, соопштија од македонската Амбасада во ОБСЕ.
Бордот на гувернери претставува едно од најбитните тела на Агенцијата за носење одлуки и креирање политики. Со членувањето во ова тело, потенцираат од Амбасадата, Република Македонија ќе има активна улога во креирањето на политиките и ќе се стекне со поголема видливост во рамките на Агенцијата.
Членството во Бордот на гувернери овозможува низа политички и технички/експертски придобивки, како и поголем простор за реализирање на националните приоритети на државите-членки.
Меѓународната агенција за атомска енергија е светскиот центар за научна и техничка соработка во сферата на нуклеарната енергија со основна цел промоција на нуклеарната енергија во мирољубиви цели, преку спречување на нејзината воена намена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа