Објавен конкурс за млади поети

Во рамки на програмските определби на Владата на Република Македонија за промовирање на младинското творештво и младинската креативност во делот на пишаниот збор, Агенцијата за млади и спорт објави конкурс за „Млади поети“.

- Проектот „Млади поети“ се состои од неколку фази преку кои ќе се добијат најквалитетните младински творби создадени од нашата младина. Агенцијата за млади и спорт објави конкурс за млади поети, на кој  ги повикува сите млади  да поднесат свои авторски творби, согласно со утврдените критериуми. Тие треба да се на возраст од 15 до 29 години, да немаат објавено збирки на поезија и да достават најмалку две поетски творби, се вели во денешното соопштение од Агенцијата за млади и спорт.

Конкурсот за „Млади поети“ првпат ќе се  реализира годинава, а има за цел да ги поддржи и потикне младите креативци.

На конкурсот ќе бидат доделени три награди за најдобра  авторска творба и тоа за прва награда се предвидени 15.000 денари, за втора награда 10.000 денари, а трета награда 5.000 денари.

- Агенцијата за млади и спорт ги охрабрува сите млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, кои пишуваат поезија да ги достават своите дела на конкурсот. Тие ќе бидат оценувани од страна на комисија  формирана од Агенцијата за млади и спорт на предлог од страна на Друштвото на писатели на Македонија. Најдобрите ќе се најдат во збирката која ќе биде објавена кон крајот на 2014 година, се додава во соопштението.

Секој кандидат своите дела треба да ги достави во затворен плик на кој на горниот лев агол треба да стои ознаката „не отворај“, а во средината треба да биде назначена точната адреса на примачот. Надворешноста на пликот не смее да содржи никакви ознаки за испраќачот. Во затворениот плик треба да има уште два затворени и запечатени плика, од кои едниот со ознака „предлог“ под шифра, а другиот со документација со иста шифра ја содржи документацијата и идентификацијата на испраќачот.

Авторските дела треба да се достават на адресата на Агенцијата за млади и спорт ул. „Френклин Рузвелт“ бр.34, 1000 Скопје, со назнака „За Конкурсот Млади поети“, или, пак, лично во Архивата на Агенцијата.

За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на тел. (02) 3113-705, секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, или во просториите на Агенција за млади и спорт, Сектор млади.

Рокот за поднесување авторски творби од страна на младите поети, кои креативноста ја изразуваат преку пишаниот збор, истекува на 30 септември 2014 година.

26.09.2014 - 15:05

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега