Промовиран третиот том со меѓународни документи за независно и ефикасно судство

Во Академијата за судии и јавни обвинители  „Павел Шатев“ денеска беше промовиран третиот том од публикацијата „Меѓународни документи за независно и ефикасно судство“.

Публикацијата ги содржи мислењата 13-16 на Консултативниот совет на европските судии (ССЕС) со референтни документи и селектирана судска пракса на Европскиот суд за човекови права,  со фокус  на мислењето 16 посветено на односите помеѓу судиите и адвокатите.  

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска на промоцијата истакна дека овие документи се особено значајни за Република Македонија бидејќи претставуваат извор на компаративните искуства на сите земји членки на Советот на Европа.

- Не постои ниту една реформа на правосудниот систем која при изготвувањето на законските измени на системските закони во правосудството не се повикува директно на мислењата на ССЕС,  а кои се насочени кон понатамошно зајакнување на независноста и ефикасноста на судството, рече Арнаудовска.

Дејноста на преведување, промовирање и дистрибуирање на мислењата на ССЕС во Македонија, како што додаде, е високо признаена во Советот на Европа,  бидејќи на тој начин се доближуваат меѓународните стандарди до нашите судии, обвинители и до другите правни професии.

Претседателот на  Консултативниот  совет на европските судии Барт ван Лиероп, кој е и судија на Апелацискиот суд во Хаг, рече дека мислењата ги содржат основните принципи на правоудството и на однесувањето на судиите од 47-те земји членки на Европскиот совет, како што се односите меѓу судиите и адвокатите, улогата на советите за судството, или пак годишното евалуирање на судството.

- Многу е важно што овие мислења се преведени на македонски јазик, бидејќи на тој начин македонските судии, адвокати и другите чинители на правосудниот систем ќе можат целосно да ги искористат ваквите мислења, додаде ван Лиероп.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет публикацијата ќе помогне во подобрувањето на судската практика, бидејќи претставува добра можност да се учи од искуствтвата на  Европскиот суд за човекови права.

Третиот том на публикацијата е издаден во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Претходно беа издадени две збирки на меѓународни документи со 12 мислења на CCJE, со вкупно 64 референтни документи.

- Постапувајќи по препораките на ГРЕКО за унапредување на независноста, предложените уставни измени се донесени со повикување на мислењата 1,3,6 и 10 на  CCJE, рече Арнаудовска и додаде дека досегашните два тома се испечатени во 1.200 примероци  и се дистрибуирани на академци, судии, обвинители, адвокати, на правните факултети, министерства...

На промоцијата за односите помеѓу адвокатите и судиите говореше претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија Никола Додевски, а судијата Анета Арнаудовска, како член на работната група на CCJE ги претстави  активностите на Република Македонија во рамките на Консултативниот совет на европски судии. 

26.09.2014 - 12:07


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега