САД заинтересирани балканските држави да соработуваат против тероризмот

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера во Њујорк одржа средба со американскиот помошник државен секретар за Европа Викторија Нуланд, на состанок посветен на борбата против тероризмот на Балканот. По средбата, Попоски изјави дека станало збор како балканските земји можат заеднички подобро да се справат со растечката закана од исламистичките групи.

- Америка е заинтересирана на Балканот да имаме подобра соработка во борбата и спречувањето на борците кои одат од Балканот и учествуваат на страна на Исламската држава на Ирак и Сирија. Ова подразбира и размена на информации, подразбира и политичка поддршка, како и работа со лидерите на исламските заедници од целиот регион. Во овој дел американски интерес е секоја од државите да биде сигурен партнер, да можеме заедно да работиме кон справување со ова заедничко зло, изјави Попоски.

Македонија беше и еден од коспонзорите на резолуцијата на Советот за безбедност, со која членките на ОН се обврзаа да не дозволат заминување на нивните граѓани во странски терористички групи.

На средбата на Попоски со Нуланд, станало збор и за билатералните односи, како и за изјавата на предложениот иден американски амбасадор
во Македонија Џес Бејли, кој во сведочење пред Сенатот на САД го употреби изразот „словенско население” за етничките Македонци.

Министерот Попоски кажа дека во разговорите на оваа тема од американска страна било потврдено дека не станува збор за никаква промена на американскиот став кон Македонија и македонскиот идентитет,
и дека предложениот амбасадор Бејли немал намера да изрази став по тоа прашање.

- Во делот на билатералните односи, имавме можност да потврдиме дека Соединетите Американски Држави се партнер и еден од најсилните поддржувачи на Република Македонија. Остануваат посветени за наша поддршка во НАТО и за членство во Европската Унија, изјави Попоски.

26.09.2014 - 10:10
Фото: 
влада


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега