Развоен буџет за повисок раст!

 

Предложената државна каса за 2015-та влезе во собраниска процедура. Внимателно скроена за да го поттикне стопанството и да го заштити стандардот на граѓаните. Во фокусот – изградбата на автопати, регионални и локални патни правци, гасификацијата, модернизацијата и рехабилитацијата на железничкиот транспорт со нови пруги и возови, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори. Со предвидените капитални инвестиции од околу 344 милиони евра, но и дополнителните 310 милиони евра, обезбедени преку Светска банка и ЕБОР, Македонија во наредната година ја чека нов инвестициски бум.

„Освен износот кој е предвиден за реализација на капитални проекти во буџетот, значителен износ на средства се предвидени и во рамките на програмата што се реализира преку ЈП за државни патишта, а коишто се наменети за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, но и за изградба на голем број регионални и локални патишта. Се работи за програма вредна неколку стотици милиони евра“ – објаснува креаторот на државната каса, вицепремиерот Ставрески.

Вака стокмениот буџет е во функција на стопанството, а со капиталтните инвестиции ќе се поддржи градежништвото и уште дваесеттина поврзани индустриски гранки.

„Интензивно се работи на инфраструктурата. На делницата Кичево – Охрид веќе се градат логистичките центри, се работи на испитување на теренот и на проектната документација. На почетокот на октомври се очекува ангажирање на механизацијата. Добро е што се има континуитет со инфраструктурните проекти, со што градежништвото и ќе продолжи да биде двигател на македонската економија“ – смета првиот човек на градежната комора при ССК, Сеад Кочан.

На хартија, капиталните инвестиции кои директно ќе се реализираат преку буџетот се на приближно исто ниво како и годинава, но дополнително, во инфраструктурни пректи ќе се вложува преку Агенцијата за државни патишта, преку ЕЛЕМ и МЕПСО, со што ќе се даде силна поддршка на македонското стопанство, ќе се ангажираат домашни фирми и наши работници.

Но, од вака скроената државна каса, ќар ќе имаат и компаниите кои не се поврзани со градежништвото. Останува политиката на ниски даноци, на даночна дисциплина, борбата против нелојалната конкуренција, која ќе остави простор за малите и средни претпријатија да отворат нови работни места и да придонесат кон намалување на невработеноста.

„Приходите во буџетот се внимателно планирани, врз база на задржување на ниското ниво на даночни стапки. Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин му даваме силна поддршка на стопанството, на бизнисот, придонесуваме за зајакнување на конкурентноста, за спречување на нелојалната конкуренција, а сè со цел, Македонија да остане атрактивна земја за странските инвеститори“ – објаснува Ставрески.

Универзитетскиот професор Томе Неновски смета дека вака осмислената државна каса има капитална, социјално – економска и стабилизирачка компонента.

„Капиталните инвестиции треба да креираат ново производство, нова продуктивност, нова додадена вредност, да бидат двигатели на растот на БДП кој е проектиран на 4%. Зголемувањето на платите и пензиите ќе ја поттикне личната потрошувачка, која ќе повлече зголемена побарувачка на стоки и услуги, што последователно го зголемува производството, што на крајот треба да резултира со отворање на нови работни места“ – појаснува професорот.

Буџет за заштита на стандардот на населението

Предложената државна каса за 2015-та, која влезе во собраниска процедура, освен што ќе го поттикне економскиот раст, ќе придонесе и за заштита на стандардот на населението. Почнувајќи со октомвриската плата, која треба да биде исплатена во ноември, примањата на буџетските корисници се зголемуваат за 4%. За социјалните трансфери се стокмени 82.660 милијарди денари. 301.600 пензионери ќе добијат повисоки пензии за дополнителни 5 отсто, а идентично зголемување од јуни ќе има и за корисниците на социјална заштита. Редовно ќе се врши исплата и на субвенциите, кои на земјоделците во изминативе години им беа стабилен и сигурен извор на финансии.

“Многу значаен фактор е што е одвоени 140 милиони евра, субвенции за поддршка на земјоделскиот сектор„ – оценува директорот на ССК, Митко Алексов.

Буџетот низ бројки

Буџетот за 2015-та ќе биде за 5% поголем од годинашниот. Државата планира за потроши 2 милијарди и 955 милиони евра, а да прибере 2 милијарди и 655 милиони. Буџетскиот дефицит изнесува 300 милиони евра, односно 3,5% од БДП. Ова е разумно ниво, ако се земат во предвид крупните капитални инвестиции – оценува Ставрески.

Според првиот финансиер, Македонија ќе остане во зоната на умерена задолженост, ќе ја задржи макроекономската и фискалната стабилност. Објаснува дека Владата има среднорочна фискална стратегија, со која постепено ќе се намалува дефицитот на ниво од под 3%. Според проекциите, инфлацијата во 2015-та ќе остане ниска, на ниво од 2%. Реалниот раст на БДП би изнесувал 4%, со можност за нагорна корекција, која ќе зависи од движењата во европската економија. Бруто – инвестициите треба да остварат раст од 8%. Трговската размена во 2015-та се очекува да стане поизбалансирана, бидејќи извозот на стоки и услуги се оценува дека ќе порасне за 8,5%, а увозот за 7,4%. Се прогнозира дека индустриското производство ќе го продолжи растот и во наредната година, со проектирана стапка од 4,4%. Градежништвото се очекува да оствари стапка на раст од 7,5%, позитивата во земјоделството би изнесувала 2,5%, а во услужниот сектор 3,3%. Позитивните движења во домашната економија треба да се рефлектираат и на пазарот на труд, па бројот на вработени се очекува да се зголеми за 2,7%.

ЛИДЕР

26.09.2014 - 09:18


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега