Кичево се албанизира - Македонците го напуштија општинскиот совет

 

На вчерашната седница на кичевскиот Совет, на дневен ред било изгласувањето на членови на управните одбори на ЈП Комуналец – Кичево и на  кичевските основни и средни училишта.

Според порталот Kicevo.mk, бројот на членови на Управниот одбор на ЈП Комуналец бил зголемен за уште 2 члена, од 9 на 11 членови. На силно негодување од коалицијата „Кичевчани од Кичево“ наишол предлогот во новиот управен одбор да има само 2-ца Македонци. Од коалицијата, пренесува порталот, велат дека соодносот во кичевскиот совет е 45% спрема 55%.

-Дополнително на ова маргинализирање е тоа што двајцата Македонци не биле нити предложени од коалицијата „Кичевчани за Кичево“, туку претставниците на ДУИ сами ги предложиле и си ги изгласале, без согласност на македонската опозиција во советот која гласала против, пишува Кичево.

Во гимназијата „Мирко Милески“ и во основните училишта „Кузман Јосифоски – Питу“, „Д-р Владимир Полежиноски“ и „Христо Узунов“ во Другово, каде македонски класови ја следат наставата, советниците на ДУИ вметнале по еден Албанец во секој Управен одбор. Во Управниот одбор, пак, на гимназијата „Дрита“ и по основните училишта каде се одржува настава на албански јазик, немало ниту еден Македонец.

Советниците на ДУИ го одбиле предлогот поднесен од „Кичевчани за Кичево“ да има по еден Македонец во управните одбори во училиштата каде наставата е на албански јазик, пренесува Кичево.

Нема Македонци ниту во Управниот одбор во основното училиште „Санде Штерјоски“ каде наставата се одржува и на македонски јазик. На ваквата одлука се спротивставил претставникот на коалицијата „Кичевчани за Кичево“, Идавер Реџепоски. Тој предложил во Управниот одбор да се вметне и претставник Ром, бидејќи во тоа училиште учат голем број на ромчиња, но, неговиот предлог бил одбиен.

Откако нивните предлози биле одбиени, претставниците на „Кичевчани за Кичево“ ја напуштиле седницата, пишува Кичево.мк.  Без присуството на оваа коалиција, биле изгласани управните одбори за дел од градските и за приградските училишта. Според информациите до кои стигнал порталот, советниците на ДУИ воопшто не дискутирале по точките туку едноставно ги изгласале.

ФОТО: Кичево

најчитано сега