Хан планира прво да го посети Скопје - сака пробив во македонските евроинтеграции

Идниот комесар за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, откако ќе ја преземе функцијата од Штефан Филе на 1-ви ноември, планира својата прва посета да ја оствари во Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел. Високи извори од Европската комисија што инсистираат на анонимност, денеска за МИА потврдија дека во однос на портфолиото „преговори за проширување“, Хан бил најзаинтересиран за случајот со Македонија. Тој, наводно бил зачуден што земјата веќе девет години е кандидат за членство во Европската унија, а пет години по ред добива позитивни препораки од Еврокомисијата за почеток на пристапните преговори, што не се случува поради грчкото вето на Самитите на Европскиот совет.

Иако, официјално, својата прва посета поради приоритетот на соседската политика наспротив проширување, Хан се очекува да ја оствари на Украина, сепак, во однос на неговата втора задача, а тоа е проширувањето на ЕУ, најавите се дека негова желба е во ноември месец да пристигне во Скопје.

- Хан во моментов е дел од Колеџот на комесари како комесар за регионална политика и е најзаинтересиран за пробив на Македонија во европските интеграции во однос на неговата идна задача како комесар за соседство и преговори за проширување. Тој е зачуден што земјата пет години не може да се помрдне од местото кандидат и не може да ги почне преговорите за членство и негова желба е да го разбие овој маѓепсан круг, коментираат високите претставници од Еврокомисијата за МИА.

Минатиот петок, Хан го оствари и првиот состанок со вработените во Генералниот директор за проширување, каде, наводно, им ја соопштил својата желба да направат стратегија за пробив на Република Македонија во европските интеграции. Тој сака земјата да влезе во процесот на преговори, со оглед на тоа што актуелниот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД) е мост за истите, но не и нивна замена. Наводно, намерата на Хан е Македонија да не ја чека Албанија, туку заедно со Црна Гора и Србија, да бидат земјите што по завршувањето на 2019 година во пакет би влегле во Унијата оти претстојниот период од пет години, претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер го одреди како период кога ниту една земја нема да стане членка на ЕУ.

Интересно е што по завршувањето на состанокот на Хан со своите подредени во ГД за проширување, пред зградата на оваа институција во Брисел, тој се случајно сретна со македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, кој истиот ден имаше претставување на монографија во Мисијата на Република Македонија при ЕУ, чии канцеларии се веднаш спроти оние на Директоратот за проширување. Комесарот и Бесими имале кус и пријатен разговор кој завршил со ветување за нивна средба по официјалниот избор на австрискиот политичар за наследник на Филе.

Инаку, размислувањата на Хан во однос на процесот на проширување се поклопуваат со стратегијата на Европската комисија од пред две години, според која меѓу 2020 и 2022 година е предвидено Србија, Црна Гора и Македонија да станат дел од Европската унија, а од 2023 до 2025 година, на Унијата да и пристапат и Босна и Херцеговина и Косово.Со тоа би се заокружила Солунската агенда од 2003 година на Европскиот совет, според која целиот Западен Балкан треба да биде интегриран во ЕУ.

А, идната недела во Комитетот за надворешни работи на Европскио парламент (АФЕТ), Јоханес Хан ќе биде испрашуван во однос на неговите планови во неговиот ресор, по што на пленарна седница на ЕП во Стразбур, закажана за 22 октомври, се очекува да биде избран целиот Колеџ на комесари предводен од Јункер. Дотогаш, сегашниот состав на неформалната Влада на ЕУ на 8-ми октомври ќе ги објави прогрес-извештаите за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, при што се очекува Штефан Филе да даде уште една, шеста по ред, позитивна препорака Македонија да ги почне пристапните преговори. 

23.09.2014 - 14:19


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега