Седум до осум отсто од пациентите кои се оперираат може да развијат акутна бубрежна инсуфициенција

Седум до осум отсто од вкупниот број пациенти кои одат за операција може да развијат акутна бубрежна инсуфициенција. Оваа компликација е поврзана со многу висок морталитет. Кога еден пациент ќе развие таква компликација смртноста е над 70 отсто. Значи станува збор за еден голем и чест проблем.

Ова денеска го истакна претседателот на Здружението, академик д-р Жан Митрев пред почнувањето на третото собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија на тема „Акутна бубрежна инсуфициенција на одделите за интензивно лекување“, кое се одржува денеска во Скопје.

Акутната бубрежна инсуфициенција, посочи тој, се случува и кај политрауми, разни тешки инфективни состојби.

- Секој потешко болен пациент кој оди на операција независно за која операција станува збор, може да развие акутната бубрежна инсуфициенција бидејќи голем дел од пациентите се на преодна граница каде бубрежната функција е веќе пореметена заради дијабетес, други системски заболувања, хипертензија, потенцира Митрев.

На тој начин, нагласи тој, доаѓа во активација или до нагол прекин на функцијата на бубрезите и со тоа се јавува голем проблем за докторите како да го лекуваат тоа и за пациентот тоа да го преживее.

- Има можности за модерен и ефективен пристап и ефективно лекување на оваа состојба каде преживувањето драстично се зголемува, додаде Митрев. 

Медицинскиот директор на истражувачката програма и медицински директор на Гамбро болницата во Минхен, Каи Херенски рече матичните лекари веќе се загрижени за цената која овој третман ја повлекува и се размислува за една друга варијанта, за скрининг на пациентите за да може да се спречи појавата на оваа состојба.

На собирот се дискутира за причините, за подобра превентива, нови начини на лекување и како да се спречи да прерасне во хроничен проблем, што е ново во светот и што се применува во Македонија.

Акутната бубрежна инсуфициенција, или скратено АБИ, е ненадејно губење на способноста на бубрезите да ја вршат нивната основна функција – елиминирање на вишокот течности и електролити, како и отпадниот материјал од крвта.  Акутната бубрежна инсуфициенција може да биде фатална и бара интензивен третман. Но таа може да биде реверзибилна состојба. Ако пациентот е во добра здравствена состојба, тогаш големи се шансите при навремено реагирање да се поврати нормалната бубрежна функција. 

23.09.2014 - 13:37


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега