Започнаа годинашните истражувања на локалитетот Црквиште

Започнаа годинашните археолошки истражувања на локалитетот Црквиште, с. Клечовце, Кумановско, проект кој е поддржан во Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура. Годинашните ископувања се одвиваат во насока на додефинирање на контурите на големата ранохристијанска базилика, за која се претпоставува дека датира од 5 век, а постои и втора фаза на градење на црквата, која егзистирала до 11 век. Археолозите од Музејот Куманово истражуваат и во наосот и атриумот на градбата, за да се комплетира архитектонскиот план на објектот. Исто така, од особено значење е хронолошки да се дефинира егзистирањето на населбата која својот живот го започнала уште во римскиот период (2-3 век од н.е.). Со следните етапи ќе се добијат и поконкретни сознанија со кои ќе се дефинираат и границите на населбата, а со тоа и Куманово и Старо Нагоричине ќе го збогатат својот потенцијал за културен туризам.

Резултатите кои се откриени во претходните етапи на истражувања на овој локалитет се од исклучително значење за археологијата од овој дел од Македонија. Постоењето на двете фази на градење на црквата токму во периодите кога се вршело масовно христијанизирање на населението, според археолозите, ќе помогне  да се осознаат процесите на пробивањето на христијанството во доцната антика и средновизантискиот период. 

Поради својата местоположба и инфраструктура, локалитетот Црквиште нуди извонредна можност за развој на културниот туризам, ако се земе во предвид дека во близина се наоѓа и локалитетот Кокино. Првите истражувања на локалитетот Црквиште се започнати во 2001 година, и во помал обем се изведуваа до 2004 година. Најинтересен наод е токму објектот со апсида откриен во 2003 година - сакрален објект - ранохристијанска црква. Првичните согледувања се дека црквата е настаната во почетокот на 5 век, што ја прави една од најстарите во Македонија. Врз основа на пронајдените монети, крајот на втората фаза на постоење на црквата е определен во периодот 1071-1078 година.

23.09.2014 - 12:13
Фото: 
денешен


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега