Јанкулоска во Москва - Конференција за борба против недозволена трговија со дрога

 

 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска и утре ќе учествува на 30. Меѓународна конференција за борба против недозволената трговија со дрога, што се одржува во Москва. Конференцијата е организирана од руското федерално Министерство за внатрешни работи во соработка со американското Министерство за правда.

Според најавите, во текот на денот на конференцијата претставници на меѓународни организации и владини институции (ОН, Европски мониторинг центар за дрога и зависности од дрога, американската ДЕА) како и официјални високи претставници на повеќе држави ќе ги презентираат и сублимираат актуелните согледувања и состојби во нарко-трговијата. Во попладневниот дел на конференцијата е предвидено обраќање на претседателот на Руската федерација, Владимир Путин.

МВР соопшти дека попладнево министерката за внатрешни работи Јанкуловска во руското МВР ќе има билатерална средба со заменик министерот за внатрешни работи на Руската федерација Игор Зубов. На средбата треба да се разговара за повеќе билатерални прашања од заемен интерес со посебен акцент на соработката во борбата против трансанционалната трговија со дрога.

Утре, министерката Јанкулоска и директорот на Федералната служба за контрола на наркотиците на Руската федерација  Виктор Иванов ќе го парафираат Планот за заеднички активности на двете институции 2013-2015 година во областа на недозволената трговија со дрога.

ИДЕК проектот во чии што рамки се одржува конференцијата, претставува глобален форум во кој партиципираат над стотина земји во светот. Основан е во 1983 година како иницијатива на Американската агенција за борба против недозволената трговија со дрога (ДЕА). Основна цел на ИДЕК е интензивирање на координираниот пристап и размената на информации во поглед на борбата против меѓународните трговци со дрога.

најчитано сега