Google започнува да вози по македонските патишта за Street View
Гугл денеска најави дека ќе започне да вози низ Македонија, со цел да го подобри квалитетот на Google Maps и да собере слики за популарната опција Street View. Од 29 септември, Гугл автомобили ќе започнат да возат и да собираат 360° фотографии во Скопје и Битола, како и во другите поголеми македонски градови. Возењето понатаму ќе продолжи со покривање на помалите градови и села, во текот на наредната година.
Street View е многу популарна опција на Google Maps која беше лансирана во мај 2007 година и е веќе достапна низ 59 земји. Таа им овозможува на корисниците виртуелно да истражат и да се движат низ одредено маало, преку панорамските слики направени на реално ниво од улицата. Опцијата е возможна исто така во Google Earth и на мобилната верзија на Google Maps.
Планираме да започнеме со возење во Скопје и наскоро ќе го прошириме и низ другите градови и села, започнувајќи со најголемите градови и најинтересните места во Македонија. Вкупно планираме да покриеме колку што е можно повеќе од патната мрежа во текот на наредните неколку месеци. Реалните планови на возење често зависат од фактори кои се надвор од нашата контрола (временски услови, затворени патишта и сл.). Поради тоа, ќе овозможиме постојани ажурирања околу тоа каде оперираат нашите возила – како и повеќе општи информации за Street View – на нашата веб страница http://www.google.mk/maps/about/behind-the-scenes/streetview веднаш штом започне возењето.
Собраните фотографии ќе бидат обработени и внимателно споени, што е технолошки процес кој може да одземе неколку месеци. Тие ќе бидат достапни подоцна на Street View на Google Maps.
„Слушаме од многу наши корисници во Македонија дека би биле навистина возбудени да имаат Street View достапно и во Македонија. Затоа денес сме особено среќни да го најавиме почетокот на возењето и да ги направиме убавите улици и градови на прекрасната Македонија отворени за корисниците низ целиот свет. Македонските бизниси и корисници исто така ќе уживаат во многуте бенефити на услугата”, изјави Амита Катри, Програмски менаџер за Street View во Гугл.
Министерот за информатичко општество и администрација, М-р Иво Ивановски изјави: „Ми претставува особено задоволство дека благодарение на Google Street View светот може да ја види Македонија во нова димензија, преку компјутери или смартфони. Ова е од особено значење за туризмот и ќе придонесе кон подобро позиционирање на Македонија на светската мапа на атрактивни дестинации, каде убавината на земјата може да се види преку кој било уред приклучен на интернет.
Гугл исто така се обрати и до Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Господин Димитар Ѓеоргиевски, кој изјави: „Дозволете ми да кажам дека на Google Street View услугата гледаме како на интересна можност за секој граѓанин во нашата земја да „шета” наоколу, сепак, ние како надлежни власти за заштита на личните податоци сме обврзани постојано да даваме насоки кои треба да се следат со цел да се осигура приватноста на луѓето. Веруваме дека заедничката блиска соработка и кореспонденција што ја имаме со Гугл во изминатиот период ќе резултира со помал упад на приватните работи на нашите граѓани. Ја користам оваа прилика како директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци да ја забрзам афирмативната имплементација на приватноста и регулациите за заштита на личните податоци и им посакувам на Гугл најдобар позитивен исход.”
Гугл напорно работи на одржување на приватноста, додека им дозволува на сите корисници да имаат бенефити од оваа опција. На сликите наменети за Street View, пред да бидат објавени, ќе има замаглување на лицата и регистарските таблички, на сите слики. Кога сликите ќе бидат достапни, луѓето ќе имаат можност да пријават слики за дополнително замаглување со кликање на “report a problem” опцијата на долниот лев агол на сликата, по што пополнуваат краток формулар каде наведуваат прецизно која слика треба да се замагли.
На локациите каде Street View е достапно, може да пристапите кон слики на street level преку зумирање на најниското ниво на Google Maps и со кликање на Street View слика на левата страна под табот за пребарување или пак преку влечење на портокаловото ”Pegman” човече на мапата, за да се пренесе на street level.
Ќе може да проверите ресторан пред да пристигнете, да направите планови за патување, да договорите локации за средби, или пак да добиете помош за домашната работа по географија. Оние кои бараат куќи може да заштедат време преку истражување на имоти и нивното окружување пред да ги посетат, а истовремено и да пронајдат и упатство за возење до таму. Исто така пред да заминете на одмор можете да ја проверите точната дестинација и да го пронајдете хотелот и местата околу него, каде што треба да го поминете вашиот долгоочекуван одмор.
Бизнисите исто така може да имаат бенефит од Street View технологијата преку бесплатно вметнување на Google Maps директно на нивните веб страници, што би им помогнало, на пример, да промовираат ланец на хотели, или пак да ја зголемат свесноста за локална библиотека или ресторан. За повеќе информации за Street View и како може да се употребува за рекреативни или бизнис цело, посетете ја страницата: https://www.google.mk/maps/about/behind-the-scenes/streetview/privacy/ и https://www.google.mk/maps/about/behind-the-scenes/streetview/
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа