ЈСП: Не се зголемени казните за патниците без билети

Нема зголемување на казните за оние што не платиле билет во автобусите на ЈСП, но има промена во процедурата со цел зголемување на ефикасноста на наплаќањето на дополнителните билети, објасни директорот на ЈСП Мишо Николов на денешната прес-конференција на тема новитетите од областа на контролата во автобусите на претпријатието.

Николов информираше дека промените во процендурите стапиле во сила во понеделникот. Граѓаните можат да ги забележат 60-те контролори во автобусите на ЈСП, кои добија нови беџови на кои има фотографија на контролорот и негов контролен број. Имињата на контролорите не се напишани на беџовите, со цел, како што објасни Николов, да се обезбеди нивна заштита.

Измени се направени и во однос на наплаќањето на казните за патниците кои што не платиле билет. Според измените, доколку контролорите на ЈСП затекнат патник без билет или со неисправен билет, тие треба да издадат дополнителен билет во износ од 200 денари за градски линии, а 300 денари за приградски линии со наплата во самиот автобус. Со ваквите измени, патникот ќе може да остане во автобусот до крајната дестинација.

Доколку патникот не може веднаш да го плати дополнителен билет, тој добива сметка, а се изготвува и записник за констатираната состојба на лице место со која патникот добива задолжение да го плати наведениот износ во сметката во нареден период од 8 дена. Во ваква ситуација патникот веднаш се отстранува од автобусот.

Ако патникот не го плати бараниот износ во дополнителниот рок од 8 дена, се поднесува предлог за поведување на прекршочна постапка при што Прекршочната комисија при Министерството за транспорт и врски му изрекува глоба од 50 евра и го задолжува да плати трошоци за постапката.

Директорот на претпријатието информираше дека доколку има потреба,  контролорот може да побара и асистенција од припадници на МВР. Измените треба да доведат до поголема ефикасност во наплаќањето, објасни директорот додавајќи дека со досегашната практика, тужбите кои што ЈСП ги испраќала  до Уставниот суд, најчесто завршувале како застарени дела.

 

 

најчитано сега