Македонците повеќе трошат на алкохол и цигари, отколку на овошје и млеко

Македонците трошат повеќе пари за алкохол и цигари отколку за овошје, млеко, чевли, риба или за култура и рекреација, за образование, анализира Дневник.

Просечно четиричлено домаќинство во земјава лани се почестило со 9.423 денари, од кои 6.335 денари за тутун, а 3.088 за алкохол. Тоа е сума која е далеку повисока од парите што просечно домаќинство ги одвојува, на пример, за овошје (6.607 денари), обувки со вклучени поправки (5.950 денари) или за рекреација и култура за што вкупно годишно се одвојуваат 7.113 денари. А девет пати е помала од таа што се издвојува за образование - 1.720 денари годишно за сите четворица. Македонците убедливо најмалку се фаќаат за џеб кога е образованието во прашање. Овие чудни податоци ги открива Статистичкиот годишник за лани.

Математиката покажува дека лани во просек домаќинствата пиеле 136,4 литри млеко или за таа намена издвоиле 5.526 денари од домашниот буџет, сума која е за илјадарка помала од таа издвоена за цигари.

Статистичкиот годишник на Заводот за статистика отсликува низа промени во финансиите и во нивната употреба кај македонските семејства. Податоците покажуваат дека лани едно просечно четиричлено домаќинство имало на располагање 5.578 евра (343.092 денари) или 238 евра повеќе од 2012 година. Од овие пари потрошило 5.087 евра или околу 500 евра помалку од тоа што имало на располагање за разлика од претходната година кога граѓаните потрошиле дури 172 евра повеќе од тоа што годишно заработиле. Ова беше тренд изминатите години кога статистика мереше драстично повисоки потрошени средства во однос на заработените.

Според податоците, просечно четиричлено домаќинство лани потрошило 10.247 денари во ресторани и хотели во споредба со шестпати помалку пари или симболични 1.720 денари, кои ги намениле за доусовршување на образованието. Односно, минатата година секое македонско семејство потрошило 2.762 денари на член во ресторани и хотели, а само 464 денари за книги и за зголемување на своето образование. Интересно е дека сумата одвоена за образование лани е драстично падната во однос на претходната година кога просечно домаќинство трошело 4.959 денари или речиси трипати повеќе од лани.

Минатата година се штедело и на весници и на книги.

Повеќе на ДНЕВНИК.

22.09.2014 - 09:58


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега