Вигенин: Договорот за добрососедство со Бугарија ќе ја однесе Македонија во ЕУ

Патот на Македонија кон ЕУ минува низ потпишување договор за добрососедство со Бугарија, вели шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин во интервју за Бугарската национална телевизија.

- Потпишувањето на договорот за нас ќе биде важен сигнал за подготвеноста на Македонија да развива добрососедски односи со Бугарија. Од секоја земја кандидат за членство во ЕУ пред почетокот на пристапните преговори се бара да ги реши проблемите со соседите, а така беше и со Бугарија. Во случајот со Македонија проблемите се малку посложени од тие што ги имавме ние, вклучително и некои територијални, но да не навлегувам во детали, истакнува Вигенин за телевизијата.

Преговорите за договорот продолжуваат, а Софија, како што вели, е подготвена да се забрза процесот. 

- Има некои прашања за кои македонската страна е воздржана, но не е нешто што не може да се надмине. За некои клучни прашања не може да има отстапки од наша страна, а за некои можеме да покажеме флексибилност. Но, секако интересот на Бугарија ќе биде заштитен. Ние во исто време не сакаме и не ги превиткуваме рацете на македонската страна, предлагаме решенија кои според нас се прифатливи и ја одразуваат реалноста во нашите односи. Ако таа реалност се признае од македонска страна, не би требало да има проблем за потпишување на договорот, смета Вигенин.

Министерот вели дека го информирал и еврокомесарот за проширување Штефан Филе за бугарската позиција во врска со ова прашање. Вигенин е уверен дека Софија и Скопје можат да се договорат без ничие посредништво.

- Со тоа ќе и се отвори патот на Македонија кон ЕУ. Но, не е само Бугарија, има и други прашања, од ЕК и Грција, кои треба да бидат решени. Но, наш интерс е Македонија да оди кон ЕУ, истакна шефот на бугарската дипломатија. 

За учеството на министерскиот состанок на ПСЈИЕ во Охрид, Вигенин вели дека тоа била добра можност да ги претстави приоритетите на новата бугарска Влада и на МНР, а еден од најважните, посочува, ќе биде Македонија.

- Македонија и решавањето на спорните прашања ќе биде еден од моите основни приоритети, зашто тоа е важно за Бугарија, а и нема време за чекање. Тоа е важно и за целиот регион. Нема да има суштинска промена на позицијата на Софија, ние очекуваме да се потпише договор за добрососедство со пријателска Македонија, изјави бугарскиот министер за надворешни работи.

За создавање позитивна клима во билатералните односи, Вигенин најавува повеќе иницијативи, како и засилување на политички контакти на највисоко ниво.

најчитано сега