Македонците против влез во ЕУ ако мора да се промени името

Мнозинството  граѓани го поддржуваат влезот на Македонија во ЕУ ако не постои услов за промена на името, а половина од нив сметаат дека државата е подготвена за членство во Унијата. Ова го покажуваат резултатите од телефонската анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје  спроведена од  10 до 15 септември годинава на примерок од 1.002 испитаници.

Прашани доколку следната недела се одржи референдум за влез на Република Македонија во ЕУ, 80 проценти од испитаниците одговориле дела ќе гласаат „за“, а 14 проценти би гласале „против“. Според анкетата, речиси две третини од испитаниците (63 проценти) поддржуваат влез на Македонија во ЕУ доколку не треба да се направат отстапки за името на државата. Една четвртина од испитаниците (26 проценти) таквата поддршка би ја дале и покрај промена на името.

Педесет и еден процент сметаат дека Македонија е подготвена за членство во ЕУ, а 42 проценти дека не е. 

Резултатите од анкетата покажуваат дека граѓаните се поделени околу оценката за напредокот во ЕУ интеграциите во изминатата година. Речиси половина од испитаниците (47 проценти) сметаат дека сме напреднале во процесот, додека 20 проценти сметаат дека напредокот е мал. Една третина (31 процент) мислат дека напредок изостанува или се случило назадување. 

Во заклучоците од испитувањето се наведува дека скоро половина од граѓаните не очекуваат ништо ново од претстојниот извештај на ЕУ за Македонија. Безмалку секој втор испитаник (48 проценти) смета дека извештајот ќе биде ист како минатата година, а 28 проценти оценуваат дека извештајот ќе забележи напредок. Еден од секои пет испитаници рекле дека очекуваат извештајот да бележи назадување.

Граѓаните, според анкетата, сметаат дека главна причина што Македонија не е дел од ЕУ е попречувањето на процесот на интеграција од страна на соседните држави. Тоа мислење е распространето кај 59 проценти од испитаниците што покажува пораст во споредба од март годинава кога мислењето го делеле 48 проценти. Неспроведувањето на домашните реформи е главна причина за 29 проценти од испитаниците. Мислењето дека главна причина е недовербата на ЕУ е присутно кај 7 проценти од испитаниците и бележи значителен пад споредено со март годинава.

19.09.2014 - 10:17


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега