Над 29.000 пријавени за отпис на долговите

Над 29.000 граѓани до сега се пријавиле за отпис на долговите. Според министерот за финансии Зоран Ставрески, овој проект се одвива одлично.

-Одлично оди проектот. За сега имаме над 29 илјади барања од граѓаните и од прилика сме некаде на средина на периодот што е за аплицирање. Граѓаните масовно се одзваа, истакна министерот Ставрески за Алфа телевизија и додаде дека очекува дека како се приближува крајниот рок и сите други ќе ги соберат документите што се основни и ќе ги посетат Центрите за социјални работи и на тој начин ќе го искористат ова право и оваа можност еднократно да им се отпишат долговите на примателите на социјална помош, невработените и лицата што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.

Барањата, граѓаните ќе ги поднесуваат во Центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење, во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за негово прифаќање ќе одлучува посебна комисија.

Потребно е да се пополни барање на посебен формулар и да се внесат основните генералии, како и тоа за каков вид долг се работи. Со себе граѓаните треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку лица ќе се пријават.

17.09.2014 - 11:13


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега