Употребувал „Македонија" - Грците бесни на министерот Јанакиески

Грчкиот помошник државен секретар за инфраструктура, транспорт и мрежи, Михалис Пападопулос ја осуди употребата на терминот „Република Македонија“ од страна на македонскиот министер за транспорт, за време на неформалната средба на министри која се одржува во Милано.

Пападопулос за грчката државна агенција АНА-МПА објаснил дека македонскиот „министер за транспорт, кој учествува како набљудувач, побарал да говори на состанокот“. По позитивниот одговор од страна на италијанското претседателство,  Јанакиески во својот говор постојано го употребувал името „Република Македонија“, што го навело грчкиот заменик министер „да интервенира, осудувајќи го однесувањето на политичарот“ од Македонија.

- Истакнав дека во рамките на целото европското семејство официјалното име е ФИРОМ. Затоа не може и не треба да има вакви манипулации од страна на набљудувачите кои присуствуваат на состаноците на Унијата, бидејќи на тој начин тие можат да создадат сериозни проблеми во соработката со Грција, рекол Пападопулос.

Според грчките медиуми, заменик-министерот за транспорт, исто така, изјавил дека „сите треба да ги почитуваат европските стандарди, за што добил целосна поддршка од италијанското претседателство“.

Вчера и денеска во Милано се одржува неформалната средба на министри на која централна тема се трансевропските транспортни мрежи, а домаќин е италијанскиот министер за транспорт и инфраструктура Маурицио Лупи. На средбата, освен министри за транспорт на земјите-членки на Европската Унија, учествуваат и Сиим Калас, заменик-претседателот на Европската Комисија, одговорен за транспорт, како и градоначалници на поголемите европски градови. 

17.09.2014 - 11:05


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега