Мала предност на унионистите пред утрешниот референдум за независност на Шкотска

Блокот на унионистите кои се противат на отцепувањето на Шкотска од Велика Британија, на еден ден пред референдумот за независност, ја зголемија предноста во однос на сепаратистите.

Последните анкети што ги направија три агенциии за испитување на јавното мислење, покажуваат дека кампањата „Заедно е подобро“ ја поддржуваат 52 отсто од Шкотланѓаните, додека кампањата за независност може да смета на поддршката на 48 отсто од гласачите.

Во истражувањето на „Опиниум“ направено за весникот „Дејли Телеграф“, на ИЦМ за „Скотсмен“ и на „Сарвејшн“ за „Дејли Меил“, се вклучени нопределените гласачи.

Разликата од четири отсто од гласовите во полза на унионистите се покажува и на посебното испитување што го направи агенцијата „Сарвејшн“ во кое 48 отсто поддржуваат останување на Шкотка во составот на Велика Британија, 44 остсо сакаат независност, додека осум отсто се уште се декларираат како неопределени.

На последните мерења, што беа објавени пред пет денови, разликата меѓу унионистите и сепаратистите изнесуваше само два отсто.

Првиот министер на Шкотска, Алекс Салмонд кој како лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија СНП, во изминатите две години ја предводи кампањата за независност, ги повика Шкотланѓаните утре да гласаат за отцепувањето. „Ајде да го направиме тоа“ -вели Салмонд во пораката до гласачите.

Тој одново инсистираше на патриотизмот на луѓето, па ги советува гласачите да не им веруваат на статистиките и на бројките, туку на срцето и на разумот, кога ќе го пуштат гласачкото ливче на референдумското изјаснување.

Како на почетокот на кампањата, така и на нејзиниот крај Салмонд и неговите сепаратисти, инсистираат на правото земјата да биде независна, со практично истото образложение, дека ако можат другите мали земји да бидат сами и независни, тогаш може и Шкотска.

Унионистите кои постојано дебатираат со аргументите дека на земјата ќе и биде подобро ако остане во Велика Британија, нудејќи економско-финансиски и политички факти за тоа, во финишот на референдумската кампања бараат од гласачите да ја сакаат Шкотска на тој начин што ќе гласаат против отцепувањето.

Раководителот на кампањата на унионистите, Алистер Дарлинг, поранешен британски министер за финансии, изјави денеска дека како и да гласаат луѓето, веќе од петок претстои „тешка работа за залечување на повредите од делбите, што ги предизвика долгата кампања“

17.09.2014 - 11:07


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега