Тоа е ЕУ: Еден милион мртви во Избирачкиот список во Бугарија

Избирачкиот список и фантомските гласачи стануваат главна политичка тема за тоа колку претстојните предвремени парламентарни избори на 5 октомври во Бугарија ќе бидат со релевантни резултати. Повеќе политички партии деновиве обвинуваат дека во евиденцијата на избирачи на специјалното Тело за регистрација на граѓаните и административни услуги (ГРАО) има од 150 илјади до еден милион мртви души и фантомски гласачи. Додека привремената влада на Георги Близнашки смирува дека нема пумпање на избирачкото тело, Бугарија станува петтата држава, по Македонија, Хрватска, Црна гора и Босна и Херцеговина, која во регионот се соочува со коментари за поголем број избирачи од реалната бројка на полнолетно население во државата, анализира Дневник

Македонија досега спроведе три акции преку мешовити работни тела составени од експерти, претставници на власта и опозиција, за бришење десетици илјади запишани гласачи, потоа ги воведе биометриските исправи како критериум за да се гласа, а доби и неколку експертизи од ОБСЕ/ОДИХР на оваа тема. Македонската Државната изборна комисија и по изборите во април, минатата недела почна процедура за нова методологија по која ќе се проверува постојниот Избирачки список. Дали слични процеси ја чекаат и Бугарија?

Секој може да направи сметка

Движењето „Бугарија на граѓаните“, партијата на Меглена Kунева веќе две години го отвора прашањето на фантомски гласачи во бугарскиот избирачки список. Според евиденцијата на оваа партија, во него се наоѓаат дури 950 илјади мртви души, кои и тоа како може да влијаат на изборниот резултат. Според нивните пресметки засновани врз основа на официјалните статистички податоци за бројот на жители во одредени општини и пријавените гласачи од ГРАО, во општина Дупница дури 22 отсто од вкупниот број гласачи се фантомски, во Kазанлак, пак, такви биле 8.010 гласачи.

„Секој лесно може да направи сметка, да отиде на веб-страницата на соодветната општина и да види колку е долга листата на луѓе што имаат право да гласаат. Потоа може да влезе на интернет-страницата на Националниот статистички институт и да ги види податоците од пописот“, посочуваат од оваа партија.

Имено, во Бугарија избирачкиот список се формира од страна на министерството за внатрешни работи, кое доставува евиденција на полнолетни бугарски државјани според местото на живеење (т.н. национален регистар на населението). Од друга страна, евиденција води и специјалното тело ГРАО. Во ова тело секој што има живеалиште во Бугарија може да се пријави за гласач, при што евидентирањето се прави по општини.

- Минатата недела изборната комисија даде одговор на еден од најпознатите и најфорсирани митови од транзицијата во нашето општество – постоењето мртви души. Стана јасно дека овој феномен одамна е надминат и во изборните листи се вклучени сите полнолетни бугарски граѓани со активно избирачко право на постојната адреса на живеење. Не се подготвува фалсификат на изборите - изјави в.д. премиерот на Бугарија.

Претходно на обвинувањата одговори и министерот за внатрешни работи Филип Гунев, кој објаснуваше дека разликата меѓу бројките на МВР и ГРАО се најмногу 200.000, а не еден милион како што тврдат бугарските партии.

- Ние не сме африканска или азиска држава, ние сме европска држава во која се знае точно колку луѓе се родиле и умреле. И државата и МВР имаат многу добри информации за тоа колку граѓани живеат во земјата – изјави Гунев.

Тој ја објасни разликата во бројот не како непостојни гласачи, туку како граѓани со право на глас, кои или имаат истечена лична карта или, пак, воопшто немаат извадено лична карта.

- 89.000 луѓе не ги замениле личните карти, а уште толку никогаш не ни извадиле. Оние луѓе што никогаш не извадиле лични карти имаат избирачки права, но мора да извадат за да може да гласаат – објаснуваше Гунев за бугарските медиуми.

Дали ваквата дебата и сомнежите од страна на бугарските политички партии ќе значи дека ОБСЕ/ОДИХР ќе тропне и на вратата на Бугарија како членка на ЕУ за да го прочисти својот избирачки список?

Kако ОБСЕ/ОДИХР гледа на фантомите во Бугарија?

ОБСЕ/ОДИХР ги мониторира изборите во Бугарија од 1997 година и заклучно со изборите што треба да се одржат на 5 октомври годинава, кај источниот сосед ќе има испратено осум набљудувачки мисии. Избирачкиот список и фантомските гласови во списоците ги нема, иако меѓународните набљудувачи забележуваат проблеми за бројката на регистрирани избирачи уште на претседателските избори во 2006 година. Дури и сега кога дебатата за преголем избирачки список е најразгорена, ОБСЕ/ОДИХР во својот извештај за предизборието повторно ја споменува само проблематичната регистрација на гласачи.

Меѓународните набљудувачи немаат никакви други забелешки, освен што ги потсетуваат бугарските власти дека и покрај новиот Изборен законик донесен во февруари, сепак останал проблемот со лошата регистрација на гласачите. Најголемата забелешка за бугарскиот избирачки список ОБСЕ/ОДИХР ја констатираат за претседателските избори во 2006 година кога и самите бројат разлика поголема од 500.000 гласачи, што е повеќе од седум отсто од целото избирачко тело во оваа држава.

„Три дена пред првиот круг ГРАО на својата веб-страница објави информација дека на изборите на 11 октомври 2006 година, на првиот круг од претседателските избори бројот на избирачи изнесува 6.447.147 гласачи... По првиот круг Централната изборна комисија, пак, соопшти дека во списокот на денот на изборите имало 7.075.041 граѓанин со право на глас. Значителната разлика меѓу бројот на гласачи и оние што се вклучени во избирачкиот список главно се должеше на претходно отстранување на гласачите што ја напуштиле Бугарија два месеца пред изборите, но се вратиле во државата кратко пред изборите“, пишува во извештајот од 2006 година.

Без конкретни мерки од меѓународните набљудувачи

Но, сепак, меѓународните набљудувачи за разлика од Македонија, каде што во прашање ја доведуваат точноста на списокот со години и покрај тоа што во неколкуте фази на прочистување на евиденцијата на гласачи учествува и опозицијата, не предвидува конкретни мерки за тоа како Бугарија да го надмине овој проблем.

17.09.2014 - 10:37


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега