„Истем Медикал“ ќе започне со изградба на фабриката во Македонија

Премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација вчера во турскиот град Анкара остварија работна вечера со сопствениците и менаџментот на компанијата „Истем Медикал“.

Оваа компанија веќе претходно објави дека ќе инвестира во технолошко - индустриската развојна зона во Скопје каде ќе произведуваат медицинска опрема, катетрхидрофилни катетери, уролошки системи  и останати медицински производи.

-Инвестицијата е вредна 10 милиони евра. Првенствено ќе имаме 150 вработени и после неколку години планираме таа бројка да се зголеми и да дојде до 250 вработени. Инаку сме многу благодарни на Владата што нуди добри услови за инвестирање и секогаш се однесува пријателски и добро не прими. Економските промотори многу ни помогнаа во реализирањето на оваа инвестиција и веруваме дека со ова темпо ќе продолжиме и понатаму и ќе реализираме и други инвестиции во иднина,  изјави Јамурлу.

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Климент Шекеровски истакна дека се работи за турска компанија која ќе произведува медицинска опрема во Република Македонија и ќе придонесе за креирање на нови работни места.

-Остваривме работна вечера со компанијата „Истем Медикал“ и поводот за кој што зборуваме денес е уште еден успешен проект во низата проекти на Владата на Република Македонија. Ова е доказ за сериозниот пристап и посветената работа на Владата која креира успешна бизнис клима за привлекување на нови странски директни инвестиции, изјави Шекеровски.

17.09.2014 - 10:33


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега