Пукање во судница - Едно лице убиено

Едно лице е убиено, а друго рането, за време на пукотниците во зградата на судот во Копенхаген, соопшти данската полиција.

Инцидентот се случил денеска, претпладне, кога маж чиј идентитет не се открива, почнал да пука, во судницата во која се водела расправа околу можноста за ослободување со кауција во случај за кој расправал судот.

Засега не се знае мотивот за крвавиот инцидент, освен дека пукањето се случило во текот на судското сослушување. Медиумите во Данска веруваат дека станува збор за семејна расправија, која завршила на суд.

Претставник на судот во Копенхаген изјави дека во текот на денешниот ден, судот требало да одлучува за неколку приватни и семејни случаи, како и за случаи на неисплатени долгови и банкротства.

Полицијата соопшти дека убиецот, подоцна е најден и е уапсен во една од улиците во центарот на данскиот главен град.

Ваднаш по пукотниците, судската зграда беше испразнета, а целиот реон околу судот беше блокиран и забранет за сообраќај и за минување на пешаците.

16.09.2014 - 21:25


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега