Македонски автомобил настрада на протестите во Истанбул

За време на протестите на плоштадот Таксим во Истанбул оштетен е службениот автомобил на Македонскиот конзулат.

- Колата е оштетена, на хаубата, односно на покривот. Најверојатно некој од демонстрантите скокал по неа за време на протестите. Автомобилот веќе е однесен на поправка која ќе ја плати Владата на Република Турција. Не е голема штета, но имаше и автомобили кои беа запалени, за среќа не и нашиот, вели во изјавата телевизијата Канал 5, Зерин Абаз, генерален конзул на Македонија во Истанбул.

Од Македонски конзулат информираат дека постојано се отворени и ги предупредуваат македонските граѓани утре да ги избегнуваат централните градски области Таксим, Ѓумшуј и Бешикташ, бидејќи се закажани протести на турските синдикати.

- Ние постојано сме отворени, доаѓаме на работа и доколку треба било каква помош на македонски граѓани слободно може да ни се обратат, а во вечерните часови и телефоните се отворени. Досега сме немале некој македонски граѓанин да пријави дека имал проблем. Ние им упатуваме порака да бидат внимателни и наредниот ден кога ќе бидат синдикалните протести, изјави конзулот Абаз.

Од МНР велат дека досега македонски граѓани не побарале помош ниту во Амбасадата во Анкара.