Екстремистите од Исламска држава објавија видео од обезглавувањето на британскиот хуманитарец

 

Припадници на џихадистичката организација Исламска држава објавија видео запис на кој е прикажано обезглавување на британскиот хуманитарец Дејвид Хејнс.

Снимката на ликвидирањето на 44-годишниот Хејнс, кој беше киднапиран минатата година додека беше во мисија на француската агенција АЦТЕД во Сирија, е насловена како „Порака до сојузниците на Америка“.

Видеозаписот почнува со извадок од говорот на британскиот премиер Дејвид Камерон во кој тој говори за соработката со ирачката Влада и курдските сили во борбата против џихадистите.

- Овој Британец мора да плати поради вашите ветување Камерон за вооружување на курдските борци против Исламската држава, вели маскиран маж кој говори англиски со британски акцент, додека крај него Хејнс клечи на колена.

Потоа на снимката е прикажано отсекувањето на главата на Хејнс, а записот завршува со прикажување на уште еден заложник крај кој стои џихадист кој се заканува дека и него ќе го убијат ако Камерон продолжи да ја поддржува борбата против Исламската држава. 

Ликвидирањето на Хејнс веднаш го осудија Камерон и американскиот претседател Барак Обама. 

Според Камерон, убиството на Хејнс претставува чин на „крајно зло“ и вети дека извршителите на ликвидацијата ќе бидат изведени пред лицето на правдата. 

- Тоа е убиство на невин хуманитарен работник. Тоа е чин на крајно зло, нагласи Камерон.

Обама исто така го осуди, како што рече, „варварското убиство“ на Хејнс и вети дека САД ќе соработуваат со Велика Британија за откривање на убијците и нивно казнување.

- САД стојат крај својот близок пријател и сојузник во жалта и решителноста за изведување пред правдата на сторителите на овој одвратен чин и за уништувањето на заканата за нашите земји, регионот и светот, порача Обама.

14.09.2014 - 10:07


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега