Прекриени плакатите на Лејди Гага за концертот во Ерусалим
Плакатите за вечерашниот голем концерт на поп ѕвездата Лејди Гага во Тел Авив што беа поставени низ улиците на Ерусалим, денеска беа прекриени на барање на ултраортодоксните Евреи од главниот град на Израел.
Постерите на американската поп дива која се наоѓа на турнеја низ Бликиот Исток, осамнаа прекриени со бели ленти на барање на член на Градскиот совет на Ерусалим од редовите на ултраортодоксната верска партија Шас, кој оцени дека фотографиите на Лејди Гага се „нескромни“.
Според советникот Нати Ласри, истакнувањето на фотографиите на Лејди Гага во Ерусалим е исто како „поставување на плакати за поддршка на Хамас на воен регрутен пункт“.
- Шокиран сум од плакатите кои поттикнуваат згрозување и што ги навредуваат чувствата на мнозинството машки и женски жители на Ерусалим, изјави Ласри, нагласувајќи дека е задовоелн од одлуката на градските власти за прекривање на постерите.
Но, на ваквата одлука реагираа секуларните и прогресивните структури во Еруслим. Членката на Градскиот совет, Рахел Азарија изрази револт поради одлуката на локалните власти на Ерусалим.
- Ултраортодоксните (Евреи) сочинуваат само 20 проценти од жителите на Ерусалим и тие не можат да решаваат како ќе изгледа јавниот живот на градот. Не можеме да дозволиме жените да бидат исклучени од јавниот живот, нагласи Азарија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа