Премиерот Груевски се сретна со македонската кугларска репрезентација која освои сребрен медал во Унгарија
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска оствари средба со спортистите од македонската кугларска репрезентација кои го освоија сребрениот медал на Светското екипно првенство во куглање кое се одржа во Унгарија.
На средбата премиерот Груевски лично во свое име, и од име на Владата на репрезентативците им го честиташе одличниот пласман на светското првенство и упати благодарност за залагањата и вложениот труд за достојна репрезентација на Република Македонија на ова престижно натпреварување.
Груевски, како што соопшти владината прес-служба, посочил дека успехот на спортистите преставува колективен успех и радост за државата, но и добар пример дека преку развој на спортот и јакнење на спортскиот дух се вложува во добра иднина на младите и нивен квалитетен развој. Спортот, како што додаде премиерот, придонесува за градење на исправен и квалитетен систем на вредности и го поттикнува натпреварувачкиот дух кај граѓаните.
Еден од стратешките интереси на Владата, како што посочил премиерот, останува поддршката на спортот. Во прилог на ова Владата е силно посветена на инвестиции во развој на спортската инфраструктура, при што досега се изградени 90 спортски сали од проектот 180 спортски сали, а во тек се и проектите за изградба на 100 тениски терени и 100 мултифункционални спортски игралишта, кои имаат намена за развој на базичниот спорт како основа за развој на другите спортски дисциплини.
Соговорниците се согласиле дека развојот на спортот треба да остане еден од приоритетите на општеството.