Ердоган го одобри контроверзниот закон за поголема контрола врз интернетот
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го одобри Законот, со кој се засилува контролата на Владата врз интернетот и се зголемуваат надлежностите на Дирекцијата за телекомуникации.
Новиот Закон, кој беше усвоен од страна на Парламентот на почетокот на оваа недела, всушност е измена на претходниот строг законски текст за интернет, кој беше одобрен во февруари и со кој властите добија поголеми надлежности да го блокираат пристапот до одредени сајтови без претходни наредби од суд.
Законот предизвика незадоволство меѓу граѓаните и со него, според аналитичарите се зголемуваат стравувањата во врска со слободата на изразувањето во Турција.
Со измените кои беа усвоени оваа недела се зголемуваат надлежностите на Дирекцијата за телекомуникации, која е раководена од поранешен вработен во разузнавањето, да блокира сајтови, доколку тоа се смета за неопходно, односно доколку постои опасност за „националната безбедност, јавниот ред и мир и заради спречување криминал“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа