Генералот Џон Ален именуван за командант на новата коалиција против ИД
Американскиот генерал Џон Ален е именуван да командува со новосоздадената меѓународна коалиција за борба против исламистичката милитантна група Исламска држава (ИД).
Коалицијата ја предводи САД, а во неа се вклучени и десет арапски земји кои ќе им помагаат на американските сили во воздушните напади врз позициите на ИД во Ирак, но и во Сирија.
Според планот на американскиот претседател Барак Обама, што тој го обелодени пред два дена, со заедничката воена операција треба да се деградира и уништи ИД, а во исто време, да им се помогне на сојузниците кои веќе се вклучени во борбените дејствија против припадниците на оваа џихадистичка група.
Обама, првпат одобри воздушни напади врз ИД и на сириската територија, иако официјален Вашингтон, во меѓувреме, соопшти дека таквите напади ќе се извршуваат без комуникација и подршка на властите во Дамаск и на претседателот Башар ал Асад.
Русија и Сирија вчера остро реагираа на ваквиот план на претседателот Обама, оценувајќи дека нападите врз сириската територија без согласност на властите во Дамаск се „тешка повреда на меѓународното право“ и акт на „агресија“ врз една суверена земја.
Американската најава за бомбардирање на Сирија, меѓутоа, беше поздравена и подржана од сириските бунтовници кои до пред неколку месеци војуваа заедно со припадниците на ИД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа