Го извлекле од автобус - жители на скопско село спречиле момче да замине на Џихад во Сирија

Жители на село крај Скопје спречиле неколку млади луѓе да заминат на џихад во Сирија. Како што дознава Дневник, момче било буквално извадено од автобус со кој требало да појде во војна. Момчето претходно исчезнало од дома, а по извесно време било најдено во џамија во Тетово, а за среќа локалните жители го извадиле од автобусот. 

Претседателката на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, вели дека вахабистите преземаат џамии и пропагираат поинаков ислам.

- Имавме такви случаи кога луѓе разубедуваа млади момчиња подготвени, буквално тргнати на пат кон Сирија. Ако вахабистите во џамиите земат замав, може сериозно да ги застранат младите генерации муслимани – вели Божиновска за Дневник.

Според официјалните податоци, сите деветмина македонски државјани, кои досега загинале во конфликтот во Сирија, биле следбеници на салафистичката идеологија. Божиновска објаснува дека џихадот во Македонија го пропагираат вахабисти. Тие неодамна во „Тутунсуз“ и во Јахја-пашината џамија во Скопје упатуваа закани кон ИВЗ. 

- Се нарекуваат салафисти, но апсолутно станува збор за вахабисти, чија интерпретација на исламот отстапува од традиционалното читање на Kуранот. Се вметнуваат во социјално загрозени средини, меѓу незгрижени луѓе, и ги оттргнуваат децата од ИВЗ и од традиционалното читање на Kуранот. Со нив не се излегува на крај, не ги признаваат легалните одбори на џамиите, поставуваат свои, влегуваат и работат со верниците, проповедаат поинаков ислам – вели Божиновска. 

Салафистите се ортодоксни муслимани, а вахабистите се нарекуваат така за да се затскртијат од јавноста, објаснуваат во ИВЗ:

- Салафизам значи практикување на исламот какво што применувале првите три генерации муслимани вклучувајќи ја и генерацијата на пророкот Мухамед. Вахабизам е политичко движење камуфлирано како методологија за интерпретација на исламската вера. Поради камуфлажа, 80 отсто од вахабистите себеси се нарекуваат салафисти, а во суштина се вахабисти - објаснува Африм Тахири од Исламската верска заедница.

Една од главните карактеристики на вахабистите е што централно место во нивната идеологија е џихадот против режимите, кои ги сметаат за невернички, вклучувајќи и муслимански режими.

Повеќе на Дневник.

12.09.2014 - 09:28
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега