Грција најави ново вето за Македонија
Грција нема да дозволи отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ без да се реши прашањето за името.
Висок владин извор за солунскиот весник „Македониа“ изјавил дека Грција ќе одговори со вето на секој обид да се одреди датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ на самитот во јуни, ако нема решение за прашањето за името.
Според истиот извор, без оглед на притисоците и без разлика од која страна доаѓаат, позицијата на Грција тешко дека ќе се промени.
Според „Македониа“, ваквиот став на грчката Влада е особено важен со оглед на тоа што Европската комисија во својот привремен извештај за напредокот на Македонија сугерира почеток на пристапните преговори веднаш и се надева дека таква одлука ќе биде донесена на јунскиот самит.
Ваквиот грчки став пред неколку дена го најави и провладиниот весник „Катимерини“ кој коментирајќи го извештајот на ЕК напиша дека иако тој е позитивен, тоа не значи автоматски дека Европскиот совет ќе ја прифати препораката на Европската комисија.